Битолско минато

Со ПЕТ(АР) во ПЕТ(ОК)

Петар Ставрев

Специјално за ,,Бабам Битола”

Се наближува периодот кога многу граѓани електричната енергија ќе ја користат за затоплување. Од ,,РЕК Битола” пристигнуваат ветувања дека за грејната сезона ќе бидат максимално подготвени. Сите досегашни нивни раководители навремено ги извршуваа подготовките рудникот ,,Суводол” и термоелектраните секогаш да бидат во успешна функција.
Овој пат се обидовме да се потсетиме на првиот директор на рудникот ,,Суводол” Славе Котевски, кој иако почина во 2012г. со својот максимален ангажман во работата како да трасира патеки и сите наредни директори да бидат на висина на своите задачи.

Славе Котевски се вбројува и во личности што меѓу првите ги открија наслагите на јаглен и ги поддржаа иницијативите тој да започне да се експлоатира.

Славе Котевски беше роден 1930 г. во Битола каде и ја заврши гимназијата ,,Ј.Б. Тито”, а рударскиот факултет во Белград 1960г. Како рударски техничар работеше во Тајмиште, Жван, во Кичево, Геолошкото биро во Битола, за во РЕК да биде вработен со книшка под реден број 007.

Во професионалната ангажираност во рудникот ,,Суводол” секогаш беше меѓу оние лица што даваа пример како треба да се однесуваат сите оние ангажирани на мошне значајни, одговорни, а на моменти и опасни места, зашто во ископот на јаглен се работи со мошне сложени и прецизни постројки.

Во ,,Суводол” како директор беше од 1984г., а се пензионира во 1992г. За време на својата работа имаше добиено повеќе признанија, дипломи и награди.