Пред извесно време се навршија 60 години од формирањето на Планинарско Спортскиот клуб ,,Ѓорѓи Наумов” Битола кој беше формиран од повеќе вработени од истоимената фабрика за фрижидери, љубители на планинарењето.

Во првото раководство беа избрани Крсте Анастасиев- Рихтеро за Претседател, Перо Николовски-Картело за секретар, Томе Стојановски книговодител и Јани Цветковски- Источно дрво, благајник. Подоцна во раководните органи на Клубот беа ангажирани Михајло Тромбев, Крсто Беака, Спасе Ѓорѓиевски, Живко Николовски- Пајсеро, Илија Илиевски, Ристо Здравев- Бугарчето, Борче Ивановски, Симе Гичевски кои заедно со многу други планинари го изградија Домот ,,Неолица” на 1440 м.н.в. на местото викано ,,12 Кладенци”, над селото Лавци.

Во нивните редови беа вклучени многу други познати планинари од градот меѓу кои беа Ицо Попов, Вангел Василевски-Боксеро, Јонче Несторовски, Миле Димитровски, Манасие Џинич, а во седумдесеттите години од Клубот броеше 250 членови. Многу од нив соработуваа со најпознати планинарски друштва од поранешна Југославија и престојувајќи на повеќе планини речиси низ целиот свет.

Во близина на домот Неолица изградени се три чешми на Перо Николовски-Картело, Вангел Василевски-Боксеро и Ристо Здравев-Бугарчето, а Јани Цветковски-Источно дрво над Домот на височина од 1865 м.н.в. изгради спомен обележје-крст во сеќавање на сите починати планинари од Клубот и градот.

ПСК ,,Ѓорѓи Наумов” од Битола повеќе години на почетокот од месец септември организира традиционален марш кој годинава заради пандемијата не се одржа, но јубилејот беше одбележан со скромна свеченост на која беа спомнати повеќе заслужни членови, домари, а особено сегашните Томе Лозановски- Претседател и Славе Петрески под чија иницијатива ,,Неолица” е проширен, преуреден и адаптиран за посета на повеќе љубители на планината.


Текст и фото Петар Ставрев