По повод Денот на хрватскиот Парламент, во Битола во Центарот за култура беше организирано предавање и изведба на театарска претстава, гостувања од Хрватска. Манифестацијата беше во организација на МХД.Хрватски културен центар Марко Марулиќ, во соработка со општина Битола и Центарот за култура.
„ Ги поздравувам сите присутни и гости на оваа манифестација, ден кога се одбележува еден датум значаен за хрватската историја“, изјави др. Бранко Маретиќ, претседател на МХД.Хрватски културен центар „Марко Марулиќ“ и додаде: „ Ден кога хрватскиот Парламент донесе одлука во 1991 година да се одвои од бивша Југославија и да се започне процесот на самостојна република Хрватска и ден кога е конституиран првиот демократски повеќе партиски Парламент на Хрватска“.
Предавањето беше на тема “Дали се сеќаваш на мене – дали ме паметиш“, за македонско хрватските културно-уметнички врски во 20. век,
а предавач беше Бранка Безиќ-Филиповиќ, од Сплит, која за насловот истакна дека тоа се стихови од песна на Аки Рахимовски.
„ Мене ми е посебна честа што соработката со господинот Маретиќ и Хрватскиот културен центар, се продолжува. Повеќе пати бев во Битола и со Маретиќ сме организирале бројни културни настани. Овојпат го одбрав предавањето за културните врски кои можам да кажам постоеле отсекогаш помеѓу Македонија и Хрватска. Предавањето кое го изложив пред публиката го напиша проф.др.Јосип Ласиќ, од задарскиот и сплитскиот универзитет. Јас го направив и видеото“, изјави Безиќ-Филиповиќ.
Таа ги спомна како што рече великаните во културата, музиката:
Богомил Ѓузел – македонски писател и преведувач кој го превел Шекспир, писателката Лилјана Дирјан, Петар Креља – уредник на првата програма на Хрватското радио, документарист, добитник на наградата “Владимир Назор“ за животно дело. Посебно место најде и пејачката Снежана Наумовска, родена во Битола, која во 1985 победи на фестивалот “Загреб Фест“. Тука беа споменати и Лилјана Николовска – пејачката на групата “Магазин“, а секако се зборуваше и за Тоше Проески и Аки Рахимовски.
Програмата на Хрватскиот културен центар е направена да ја поттикне меѓународната јавност да се запознае со хрватското културно наследство, хрватскиот јазичен идентитет.
„ Ова го организираме во рамките на тоа хрватите да го сочуваат својот идентитет, да го презентираме богатото хрватско наследство, култура и традиција, а воедно се поврзуваме со нашата матична земја. На овој начин ги поврзуваме нашите два пријателски народи“, рече Маретиќ.
За програмите во изминатиот период истакна:
„ Организираме не само гостувања од Хрватска, туку и македонските уметници и групи да се претстават во Хрватска. Така организиравме гостување на КУД.Илинден во Дуги Рат на фолклорниот фестивал, фолклорниот КУД. од Ресен гостуваше на фестивал на фолклорни смотри во Велика Горица, аматерскиот театар од Ресен гостуваше на фестивал во Славонски Брод и освоија и награда. Последно Ансамблот за фолклор Плетенка гостуваше на турнеја во Дрвеник и Градац. На сите манифестации сме примени од градоначалниците во општините. Ние можам слободно да кажам сме богати што имаме две земји-нашата матична Хрватска и земјата во која живееме Македонија“.
После предавањето се одигра театарската претстава, комедијата на С. Стратиев, “Некој ми го тргна сакото“ во изведба на “Пиколо“ театарот од Хвар, Хрватска. Претставата е во режија на Михал Бибиак. Во претставата играа Мате Ојданиќ, Дражен Сајрановиќ и Томислав Алауповиќ, кои маестрално го одглумија “циркусот од животот“, односно целата апсурдност на бирократијата преку 11 ситуации.
Културните посети и соработки на Хрватскиот културен центар траат повеќе години, односно над 25 години организирање изложби, концерти, театарски претстави, промоции на книги, предавања, се со цел да се претстави и запознае македонската јавност со богатата хрватска култура и традиција.
Текст Неда Маретиќ
Фотографии Диоген Хаџи Коста Милевски