Фамилија Чукалка или Чукалкови, покрај хотел Ројал имаа уште две куќи купени со парите кои макотрпно ги спечалија после 17 години работа во Америка

Георги Митрев Чукалка (1882-1964) по потекло од село Илино, Демир Хисарско, порасна во Битола во фамилија со многу браќа и сестри. Бидејќи не бил задоволен од моменталната ситуација во Македонија, со братот Глигор во 1901 г. заминува за Америка на печалба, каде 17 години живееа и работеа во градот Рочестер, држава Њу Јорк. Доаѓајќи во Битола со парите спечалени во Америка, браќата купуваат неколку куќи, еден хотел и еден ан.

Фамилија Чукалка, Чукалкови

Една од нив е куќата на Широк Сокак бр. 54, која беше реновирана пред војната од страна на браќата Чукалкови на местото на една Грчка банка која претходно изгоре во пожар.

Нажалост, како и останатиот имот истата беше национализирана од државата во 1945 г. Станбените и деловните простории на куќата беа издавани под наем од страна на државата. Во куќата долги години живееја, фамилијата на Сотир Главинче, познат битолски адвокат како и фамилијата на познатиот фотограф Димитар Гиновски – Гината. Во дуќаните беа сместени Електро Дистрибуција и Југословенската Лотарија каде работеше еден крупен човек по прекар Ќосот.

Со новиот закон во 1959 г. истата беше вратена во сопственост на браќата Чукалкови кога законот дозволуваше сопствениците да имаат право на две куќи. Тогаш наследниците на браќата, најстарата ќерка на Георги – Василија Тасевска и ќерката на Глигор – Верка Чукалкова, се вселија во истата и живееја до крајот на својот живот. Дуќаните од оваа куќа им беа доделени на најмладата ќерка на Георги -Јелица Митревска и на синот на Глигор – Благој Здравев познат со прекарот Кусиот.

Ѓорги Чукалка со фамилијата, сопруга Евгенија, ќерка Василија, зет Светозар, внуци Јован и Милка.

Благој до крајот на животот работеше во неговиот дуќан како бербер. Јелица Митревска покасно го продаде дуќанот на Рубин, познатата продавница за накит. Од нив дуќанот го купи Милчо Талевски кој сега го издава под наем на бутикот Тудор. По смртта на татко им, берберот Благој, неговите ќерки Мимоза и Ели дуќанот го издаваат под наем, моментално на фирмата Мини Пани. Во делот на Василија Тасевска никој не живее и истиот е во фаза на продажба додека во другата половина живее ќерката на Благој берберот – Мимоза.

Ова е уште една нова приказна комплетирана од мозаикот наречен Широк Сокак која јасно ни покажува како нашите сограѓани и покрај лагодниот и убав живот кој го имале во прекуокеанските земји сепак доаѓале тука и вложувале во овај град во кој доживувале длабока старост со нивните внуци и фамилии, нешто кое денес не можи ниту да се замисли. Со тоа тие сами допринесувале за убавината и престижот на нашиот град која после 100 години Ви ја опишуваме денес.

Во блиска иднина се надеваме дека оваа приказна заедно со другите ќе биде дел од едно поголемо издание кое сите вие ќе имате лично за вас во вашите витрини како „Широк Сокак – улицата на мојот живот“. А Битола била и ќе биди, ќе се пишува и раскажува.

Голема благодарност до Јован Тасевски и неговата фамилија.