WONDER WOMAN – НЕВЕРОЈАТНАТА ЖЕНА ВОИН
Најнова едиција во издание на Просветно дело
Во оваа едиција се насловите: „Неверојатната жена воин од Троја“; „Бркотница во музејот“; „Сирена од Рајскиот Остров“ и „Џиновска неволја“.
Главната хероина е амазонската жена воин, жената чудо, која е неверојатно вешта во сите боречки вештини, остро се спротивставува на сите препреки, брза е и пресметлива, има свој невидлив авион, победоносни ракавици и волшебно ласо кои прават чуда, а сѐ со цел да ги отстрани неволјите кои демнат на секој чекор.
Така, таа успешно се справува со Гепардина, злобна и непослушна мачка, кога сака да го украде црвениот скапоцен рубин, кој е неразделен дел од историјата на Индија. Акцијата и борбата меѓу нив две се интресни, зашто користат различна моќ на дејствување. Прочитајте како се справува жената чудо со Гепардина во приказната, забавна е и интересна.
Откријте ја и нејзината брзина да ја отстрани опасноста што ги демнеше туристите кои ги разгледуваа древниот град и урнатините на Троја. Нешто чудно се случуваше на самото место. А, што? Прочитајте сами!
Дознајте за грабежот во Музејот на современата уметност, каде што жената чудо веднаш полета со својот невидлив авион за да помогне. Како налета на злобниците кои се подготвуваат да украдат статуа од непроценлива вредност. Откријте кои се Гиганта, Гепардина и Отровната Ајви.
Уживањето на прекрасните плажи на Мајами нагло беше прекинато, а туристите се најдоа во неволја: суровата волшебничка Кирка, сите ги претвораше, еден по еден во морски чудовишта. Пронајдете ја и оваа содржина во еден од наведените четири наслови.
Читајте за овој неверојатен лик, кој веруваме дека ќе ви стане омилен: WONDER WOMAN!
НАБИЛДАНА МЕСЕЧИНА е избор од 135 песни на авторот Јовица Ивановски, роден во 1961 година, а поетски активен веќе дваесет и пет години, со четиринаесет издадени збирки поезија и препеан на петнаесетина јазици.
Речиси сите досегашни критички осврти за поезијата на Јовица се насочени кон две нејзини карактеристики. Првата е токму оваа нејзина урбаност, или тематска ситуираност во градот (сегашно Скопје) како хронотоп во кој поетот домува. Така, Богомил Ѓузел кажува дека овие стихови имаат „автентично урбан сензибилитет“, а Елизабета Шелева заклучува дека „поезијата на Јовица Ивановски е плод на една континуирана урбана прељуба со еден простор“. Оливера Ќорвезироска за оваа скопска вдоменост вели дека „песните на Јовица Ивановски… се одамнешни жители на Скопје“, а Влатко Галевски вели дека „поезијата на Јовица е како првиот стихуван музеј на поразите на еден град, на неговите жители“. Втората одлика на оваа поезија, која се чини дека им запнува в очи на критичарите е она што Душко Крстевски го нарекува „метонимиски“ стил на пишување, т.е. наративен, раскажувачки, дури и епски, наспроти „метафоричниот“, т.е. лирскиот, во голем дел апстрактен стил). Сите критичари овие две работи ги дефинираат не само како констатирани одлики на севкупниот опус на Јовица, туку (или пред сè) и како суштински квалитети кои оваа поезија ја одделуваат од голем дел на современата македонска поетска продукција.
Овој избор е значаен затоа што излегува токму во годината која за авторот е јубилејна – четврт век од неговото творештво.