Ново монументално дело ГРАДБИ на проф. Александар Стерјовски на импресивни 566 страници е седмата книга со која значително е збогатен фондот од неговото битолско десеттокнижие.

Книгата е опфатена со многубројни податоци и фотографии од градби значајни за нашиот град и тоа градби за војничка намена (касарни и други воени градби, Џепане, Исљахане, Офицерски, Воената болница, аеродромот и мн. др.), цивилни градби како квартот Бајлер Маалеси (Баир), квартот Димитри, објектите на Широк Сокак, Еврејските населби. Опфатени се јавните градби кои се од посебна намена како затворите, пошти, школи, градби за стопанска дејност, пазари, Безистенот, Монополот, Царинарницата, Јавните зеленила, друмски и железнички врски, паркови, расадници и стаклени бавчи, битолските гробишта и многу друго. Како издавач и несебичен помагач е Конзулатот на Република Србија во Република Македонија и м-р Силјан Мицевски, почесен конзул на Р. Србија во Р. Македонија. Технички уредник на ова дело е битолчанецот Пеце Илиевски, додека многубројните фотографии се на Петар Ставрев.

Се уште бев активен наставник на Педагошкиот факултет во Битола кога деканот на Техничкиот факултет во Битола, проф. д-р Ѓорѓи Тромбев, при случајна средба, ме замоли да одржам некакво популарно предавање за неговите студенти за историјата на Битола со образложение дека поголемиот дел од нив потекнуваат надвор од Битола и дека е жално, и по четиригодишниот престој, да останат со површните и случајни познавања за градот што ги стекнале самите. Замолницата, се разбира, ја прифатив и во преполнетиот амфитеатар одржав презентација на дел од битолската постара и понова историја. Следуваа потоа и многу прашања, што беше потврда дека предавањето предизвикало интерес, а еден од студентите на крајот изрази и лична и колективна благодарност, додавајќи дека, иако потекнува од старо интелектуално битолско семејство и за себе сметал
дека е добар познавач на својот роден град, дури сега го гледа малку поинаку.

Доколку сум успеал со оваа книга и битолчани „малку поинаку“да ја гледаат и да ја доживуваат својата Битола, оправдан е трудот што сум го вложил. Оваа е седма книга од серијалот „Битолско десеткнижие“, осмата, „Битола-Музика“ е во завршна фаза, а материјалот за последните „Битола-Битолчани” и „Битола-Маали“ е целосно прибран и очекува обработка… Александар Стерјовски.

Александар Стерјовски роден е во 1933 год. во Битола. Дипломирал и докторирал во Скопскиот државен универзитет. Предавал во Педагошката академија, а потоа и во Педагошкиот факултет во Битола. Двапати бил проректор на Битолскиот универзитет. Објавил над стотина статии од областа на фолклорот и битолската историја, како и книгите: Брусник (1992), Последниот охридски гуслар(1994), Македонските слепи гуслари (1999), Велушина (2001), Водоснабдувањето во Битола пред водоводот (2008), Еден век Црвен крст во Битола (2012), Чествувања -Чествования (2014), Јавното здравство и превентивната здравствена заштита во Битола (2016). Од серијалот Битолско десеткнижие ги објавил
книгите: Битола-Руската
колонија (2003);Битола-Каријатиди на Театарот (2004); Битола-Реката Драгор (2009), Битола-Записи за злосреќи (2012),Битола-Спорт (2016) и Битола-Калейдоскоп (2017). Раководител бил на големиот проект Печатарството и издаваштвото во Битола (три тома, 1998-1999).Долгогодишен член на редакцијата бил на списанието Развиток, а бил и иницијатор, главен и одговорен уредник на списанијата Учител и Битола низ вековите. Двапати ја добил битолската годишна 4-то Ноемвриска награда, а во 2014 год, и Наградата за животно дело.