Битолчанката Соња Поповска која живее и твори во нашиот град моментално се соочува со една од најтешките и неизлечиви болести, мултиплекс склероза. За нејзината храброст, борба, пожртвуваност и сето она кое ја следи секојдневно во животот таа се одлучи тоа да ни го пренесе преку пишан збор :
„Откако пред две години ми се појави првиот симптом за мултиплекс склероза, а потоа и вториот по прошетки по болниците, запознав многу жени со истата проблематика која ме инспирираше да напишам роман „Девојката со портокалова марама“. Романот е за девојката Ања од Битола која по низа на несреќи во животот се соочува со болеста мултиплекс склероза за понатаму да започне нејзината борба со осаменоста, анксиозноста, предрасудите…“
Во книгата Ања борбата ја води заедно со нејзиниот сопруг Димитар од Скопје (измислен лик), кој важи за еден од најдобрите психолози во Македонија. Ања пак, болеста ја прифаќа, но не и останатите сеништа кој ги носи со себе (анксиозност, помислата на самоубиство, очајот во кој запаѓа…) за на крајот лекот за нејзината душа да ја пронајди во местото од каде доаѓа, местото по кое секогаш копнееше, местото каде во секое делче од Скопје бараше некој сосем мал дел што ќе ја потсети на нејзината Битола.
„Морам да напоменам дека овој роман го напишав со цел, поддршка за жените со милтиплекс склероза…“ ни дополни Сања.
Романот тукушто излезе од печат и наскоро се подготвува и промоција за која сите кои сте заинтересирани навремено ќе Ве известиме. А на Сања и посакуваме добро здравје и истрајност во нејзината борба, се разбира поддршка од нас за сѐ што да ѝ треба.
Повелете неколку извадоци од „Девојката со портокалова марама“:
Битола: градот на конзулите, кралицата на историјата, градот на спокојот и скриените богатства. –станав рефлективна влегувајќи во градот.
-Едно од тие богатства го украдов јас.
-Проколнато богатство…
-Но, јас ќе најдам начин да го ослободам од злобните чувари и ќе биде само мое.
-Чувствувам дека си многу блиску до целта да го постигнеш тоа.
-Каде сакаш да одиме најпрво?
-Сакам… Сакам да пиеме кафе на широк Сокак.
-Тоа битолското секогаш останува во вас битолчаните. –ми ласкаше Димитар.
-Скопјанецу, мирен. Сега си на моја територија. –духовито му одговорив.
***
-Две ладни нескафиња. –му порачав на келнерот.
-Широк Сокак, а?
-Колку само ми недостигала Битола. Широк сокак… Лавина од луѓе која врви низ него. Совршено стросани битолчанки кои ги гледаш на секој чекор. Град на модата и стилот. Битолското кафе – посебно. Исто, а различно. Поинаков е шмекот.
-Прв пат те слушам да ја опишеш Битола со толку епитети и стил.
-Ме надоаѓаат емоции и носталгија за моето детство. Само тоа сакам да ми остане во сеќавање, а не грозниот период кој сакам да го заборавам.
***
Утро како и секое друго. Излегувам од мојот дом, трчам кон постојката и ја чекам шестката. Нашата куќа е со староградски стил, од времето на конзулите. Од времето на мојот покоен дедо. Го поминувам некогашното кино ,,Македонија“ и полека излегувам на најпознатата и најубавата улица ,,Широк сокак“ или како што сега младите умеат да кажат, улица ,,Биди виден“. Секој ден проаѓам низ историјата, а кога завршува сокакот се транспортирам во современиот свет. Поминувам покрај реката Драгор и ја преминувам улицата за да застанам на постојката кај ,,Шехерзада“. Тоа име останало од некогашната позната слаткарница ,,Шехерзада“ каде се правеле најубавите шампити и баклави.