Потврдено е дека за време на османлискиот период кога Битола беше центар на Румелискиот вилает во неа беа изградени повеќе верски објекти од муслиманската вероисповед. Во градот постоеја и многу други верски објекти од народите што живееја во него заради што Битола беше нарекувана космополитски град. Со тек на времето како се менуваа структурите на управување со градот така исчезнуваа, или се изградуваа други верски и културни споменици.
Изминативе три години со меѓународни донации и средства на сегашното Министерство за култура се реконструирани и ревитализирани Исак џамија, Јени џамија и Ајдар Кади џамија. Сепак сеуште има вакви културно-историски споменици на кои им е потребна подобра заштита, зашто тие како белег на градот од неговото повеќегодишно постоење се од големо значење за изминатиов период но и за натамошен развој и соживот меѓу сите негови жители.
Пред извесно време започна ревитализацијата на џамијата Хаџи Махмут Беј што се наоѓа меѓу битолските продавници за риби и Дебојот. Околу неа се расчистени дел продавници и дуќани и се планира таа да си го добие својот некогашен изглед и да биде доведена во состојба на правилно функционален објект од верски карактер но, со големо културно значење.
Фотографија и текст Петар Ставрев