1. Што преставува „Сѐ за храна” и кој е виновникот за сите ние да имаме баш ваков прекрасен онлајн магазин за здрава храна, рецепти и професионални совети?
Главните „виновници“ за креирање на Сѐ за храна сме две битолчанки. Иако многумина не знаат за тоа и сметаат дека sezahrana.mk се наоѓа во Скопје, сепак ние гордо можеме да се пофалиме со овој проект. Во текот на нашите магистерски студии, како млади девојки ни се јави потреба од ваков специјализиран сајт за храна, каде што ќе може да прочитаме различни информации за здравјето, намалување и одржување на телесната тежина, но и брзи испробани рецепти. Тоа беше нашата мотивација и на 1-ви Мај 2012 година, додека другите го празнуваа празникот на трудот, ние одлучивме да започнеме со нашата идеја. Главните виновници сме ние, М-р Марија Кочовска и М-р Катерина Спасеновски, кои имаме магистрирано во областа на храната, а за надополнување на нашето знаење посетивме голем број на обуки за нутриција од светски реномирани универзитети.
2. Кој е тимот позади „Сѐ за храна” и од каде ја црпите инспирацијата, енергијата, убавите фотографии и илјадниците разно/разни рецепти?
Во нашето патување со Сѐ за храна низ текот на годините, освен ние двете како основачи и главни уредници на сајтот, ни се имаат приклучено и други членки автори кои несебично споделуваат убави јадења, рецепти и совети и помагаат во ширење на нашата мисија, за што срдечно сме им благодарни. Тука би ја споменале и Маја Ѓореска Николовска која е дел од потесниот тим во последните години. Инспирацијата и енергијата за одржување на сајтот и креирање на нови содржини и рецепти се насекаде околу нас. Нив ги проаѓаме во секојдневниот живот и разговорите со пријателите, познаниците, патувањата и дегустациите на храна ширум земјата, но и во странство. Големи љубители сме на традиционалната македонска кујна и секогаш штом имаме можност разговараме со повозрасните, со цел да ни ги пренесат знаењата и рецептите, а ние да ги приготвиме истите и да ги објавиме на sezahrana.mk. Покрај тоа, секогаш сме расположени за дегустација и истражување на другите кујни ширум светот. Патувањата ги користиме за истражување на традиционалната храна во земјата на посета, а доколку некој рецепт ни се допадне го приготвуваме и кај нас со наши состојки или го прилагодуваме колку што е можно повеќе, па правиме вкусни собири со најблиските за пренесување на искуството.
3. Колку време постоите, дали од сето има бенефит и како сте прифатени кај пошироката домаќинска публика?
Како што споменавме Сѐ за храна постои повеќе од 7 години. Придобивките од страницата се во креирањето на убави пријателства, дружење со многу луѓе, размена на идеи и искуства, а најважно е сè е пренесување на македонската традиционална кујна на идните генерации и креирање на „мала“ енциклопедија на едукативни содржини на македонски јазик. Секогаш се трудиме информациите кои се објавени да бидат проверени, корисни и практични. Нѐ радува што многу добро сме прифатени низ цела Македонија, a и ширум светот каде што има наши иселеници. Благодарение на нашите читатели кои ги има преку 800 000, Сѐ за храна од постоењето до денес е во најдобрите сајтови во Македонија, за што сведочат и бројните награди како дел од победниците за најдобар сајт за храна и здравје, и најдобар блог.