Пред неколку години во едно интервју за Радио Скопје актерот на Битолскиот народен театар Петар Стојковски-Бабец меѓу другото ќе изјави:

“Ова интервју како да доаѓа малку со задоцнување. Моето беше и помина”. Само оваа реченица е доволна да укаже на основната карактерна особина на фелата на актерите, нивната преосетливост, пречуствителност, нивната душевна чистина, нивната желба да бидат присутни на сцената секогаш кога тоа ќе е можно, а во случајот на овој актер (како впрочем и во многу слични случаи), тоа значи и присутност после пензионирањето. Едноставно тешко е и трогателно збогувањето со сцената како простор на кој протекол еден човечки живот, една творечка кариера исполнета со многу остварени ликови, со многу и убави ,но и тажни моменти. Животот на актерот токму затоа значи посветеност и жртвување од многу ситни секојдневни задоволства. Со време тие (актерите) се наоѓаат заробени во магичната сценска кутија. Таа не е само нивната работа туку и нивниот живот.

Петар Стојковски е роден во Битола во 1930 год. во, како што самиот вели “…една прекрасна улица покрај реката Драгор”, а ние би додале, зарем улицата на нашето детство не е секогаш прекрасна улица? Неговите први детски игри започнуваат токму тука на големата ширина покрај
реката и основното училиште “Кирил и Методиј”. Тоа е времето кога Битола имала окулу дваесет илјади жители и кога низ неа се уште не крстосувале автомобили, без бучава и градска врева. Потсетувајќи се на ова време Петар Стојковски вака го опишува:

“… Во тоа време домаќинките
седеа по дворовите и плетеа, а ние децата се занимававме со разни игри, како на пример бирлиш, ашици, пигонт и многу други. Така, во еден момент дојдовме до идеја да направиме “театро “во мојот двор во кој имаше две одајчиња кои не ги употребувавме. Оптегнавме две платна како завеса и направивме некои претстави (Кире, Душко, Кикиљот, Љубе, Давко и др.). Но, тогаш во групата немавме девојчиња, па ние машките се преправавме. Случајот сакаше така што јас во една прилика требаше да играм женска улога и тоа баба; па следниот пат пак играв улога на баба и така луѓето почнаа да ме викаат: Бабата”. И до ден – денеска мене ми остана тој прекар Бабецо.” љубопитната детска дружина не се задоволува само со тоа туку снаоѓајки се со разни реквизити, а
пред се со својата бујна детска фантазија се обидува да го направи и првото маалско кино. Веројатно овие спомени засекогаш ќе останат врежани во свеста на подоцнежниот актер на битолскиот театар и сигурно се рашавачки за неговата определба голем дел од својот живот и творештво да му посвети токму на театарот за деца.
Основното училиште Петар Стојковски го завршува во родниот град, во училиштето “Кирил и Методиј”. Си спомнува дека учител по музика му бил Кирил Македонски во времето кога ја пишувал првата македонска опера. Тоа е време на голема сиромаштија која соодветно ќе се одрази и на неговиот натамошен живот. Во една прилика му се
укажува можност да појде со група деца во летувалиштето за деца на блискиот Пелистер.
Таму се сретнува за прв пат со Јово Калаузи, доктор-примариус ангажиран да се грижи за нивното здравје. Но, покрај основната задача докторот се ангажирал и на правење на детски претстави и приредби за родителите кои секоја недела доаѓале за посета на своите деца. Актуелни претстави во тоа време биле “Хитлер во агонија”, “Гладнатакокошка просо сонува”, “Киро од Токио” и др.

Подоцна истите претстави се прикажувале и во градот. Така, полека, но сигурно кај Бабецот се зародува љубовта кон театарот од
кој никогаш повеќе нема да се оддели.
По завршувањето на основото училиште се запишува во битолската гимназија каде работи силна драмска група на која Стојковски веднаш и се приклучува. За брзо време станува еден од водечките актери во групата во која тогаш режирал Димитрие Османли, а таму се запознава и со Драги Костовски. Подоцна се префрла во Учителската школа во Битола во која веднаш и се приклучува на драмската група што работи во школата. Тоа е време кога
напоредно постојат и делуваат и драмски групи во битолската гимназија и во економското училиште и меѓу нив се развива своевиден натпревар и борба за престиж. Со драмската група во Учителската школа во тоа време режирал Предраг Дишленковиќ, кој истовремено бил ангажиран и во битолскиот театар. По реализацијата на неколку претстави, подоцна Дишленковиќ повикува неколкумина од нив да настапуваат и во Народниот театар како статисти. Во тие моменти љубовта кон театарот кај него се повеќе расте. Тоа и практично се гледа. Тој се повеќе е во театарот отколку во училиштето. Тоа не останува незабележано од тогашните
актери во Народниот театар Димче и Ацо Стефановски и др. и се прават планови за негов постојан прием во ансамблот.
Меѓутоа поради желбата на своите родители тој сепак најпрво ја завршува Учителската школа по што заминува на отслужување на воениот рок не престанувајќи и таму да настапува. Потем се враќа во Битола и веднаш е примен за
актер во Народниот театар со што се исполнува неговата желба од детството.
Прва негова улога во Народниот театар во Битола како професионален актер е улогата на Милован во претставата “Фамилијата Бло” од Љубинка Бобиќ. Во неа Стојковски настапува заедно со Трајко Чоревски, Мирко Стефановски, Нада Стефановска, Димче и Ацо Стефановски и др. Овој прв настап е оценет како особено успешен од
страна на неговите постари колеги. Потоа следуваат уште
многу други улоги при што е забележливо дека нему се почесто му се доделуваат, така да се каже, му се доверуваат и се поголеми ролји. Станува збор за улоги во претставите “Швејк во Втората светска војна” од Б. Брехт, “Дундо
Марое” од М. Држиќ, “Мистер Долар” од Б. Нушиќ, “Монсерат” од Е. Роблес, “Чорбаџи Теодос” и “Бегалка” од В. Иљоски, “Глувчева патека” од М. Гарваш, “Арсеник и
старите тантели” од Џ. О. Кесерлинг, “Вук Бубало” од Б. Ќопиќ и др. Како режисери на овие претстави ги сретнуваме Љубиша Георгиевски, Душко Наумовски, кој е воедно и директор на театарот и др. Настапува период кој за актерот Петар Стојковски претставува, така да се рече, златно доба. Тоа е времето од шеесеттите до седумдесеттите години кога тој настапува со голем ентузијазам што, се разбира, не
останува не забележано од театарската критика и од публиката. Тоа е време на негов личен подем како актер и уметник, а поради тоа што главно се посветува на жанрот на комедијата станува миленик на битолската публика и пошироко ако се има во предвид дека тој настапува и во другите медиуми како што се радиото и телевизиските серии и филмови.
Во 1980 год. со уривањето на старата зграда на Народниот театар кога истиот се сели во новоизградениот Дом на култура, настапува ново време како за ансамблот во целина така посебно и за актерите меѓу кои и за Бабецот.

Стар и нов театар, фото Јанаки Папакоч

Така, на некој начин како неговата судбина да е врзана со судбината на старото здание. Во неа ги провел своите, како што самиот вели, ѕвездени мигови. Од преселувањето на театарот во новата зграда надоаѓаат многумина млади режисери, актери и др. од Факултетот за драмска уменост во Скопје.
(Да споменеме само некои од нив: Петар Мирчевски, Сашо Огненоски, Владимир Талески, Иљко Стефановски, Слободан Степановски, Сребре Ѓаковски и др.). Напоредно со намалениот ангажман се ближи денот на пензионирањето кој што Бабецот го доживува особено болно:

“…Тагата и неспокојството кај мене никако да стивне. Растревожен сум, не можам да решам да одам, а сепак заминувам во пензија. Ме мачи прашањето дали ќе имам ангажман, дали и натаму ќе можам да играм?”

Петар Стојковски се пензионира на 15 јануари 1993 год. меѓутоа неговата активност не престанува.
Тој и натаму е присутен на сцената на битолскиот театар, и тоа не само во стариот репертоар туку и во новопоставените претстави. Така, тој речиси и не ја чувствува пензијата. Евидентно е дека
виталност и натаму му овозможува успешен настап на радост на театарот, негова лична, но и радост на публиката која го бодри со својот аплалуз повеќе од четири децении.

Извадок од книгата „Бабец“ на Тодор Кузманов и голема благодарност до неговиот внук Васко Мавровски кој ни ја подари книгата.