По големото темелно чистење и варосување, го чекавме Велигден со радост. Таа недела секој ден се користеше во подготовки за овој најголем празник. На ден Велики четврток се бојадисуваа јајца. Уште во раните утрински часови, пред изгревот на сонцето, едно јајце, колку за адет, обојуваа и со него не благословуваа: црвено, бело, здраво, весело.
Во бојадисувањето на велигденските јајца користеа бакам, боја за вапцување на предено. Користеа лушпи од стар кромид. Жените декорираа со листови од барбароза или детелина. Имаа натпреварувачки дух. Креативни, иновативни, се трудеа која поубаво обоени јајца ќе направи. Мајка ми беше научила во бојата да става малку масло. Кога ќе го спуштеше јајцето, каде ќе зафатеше масло остануваше бело, шарено, со неправилни форми. Тоа го научила во Сомбор.

Нова облека добивавме исклучиво за Велигден. Ни ја купуваа пред овој најголем празник, а ја облекувавме во недела. Таа облека ја ставаа во сандаци, сергени, сандак одаи или во гардероба, а смеевме да ја облечеме за празник. Дисциплинирање, родителска грижа, која создаде навика да се знае, почитува непишаното правило да се ценат и вреднуваат нештата. Доколку се противевме на нивните правила, ќотек, казни, забрани. Ако некој се осмелеше да пушти глас, да се спротивстави, добиваше ќотек и тоа дупла доза, а тоа наметнуваше стравопочитување.

Ќути, глас да не ти чујам: викаа на нас.

Липавме, цвилевме, полни гнев, но не смеевме да писнеме.

Нема трте мрте, ни велеа.

Новите чевли, фустанчиња, панталони, блузи, кошули, ги купувавме од дуќанчиња, главно, лоцирани околу пазарот. Мајка ми ни шиеше фустанчиња од басма, купена кај Ќенан. Тој продавач беше познат по неговиот извонреден начин на однесување. Културен, услужлив, со насмевка пречекуваше и испраќаше.
Кај денешен „Јавор“, сокачињата беа преполни со мали дуќани. Дуќанот на Кенан беше во редицата од левата страна. Покрај видовите на големи рафтови беа наредени трамби педантно наредени: штофови, свили, постави, басми, фанел басми, кадифе, асе, бурунџук платно, дебели шајаци, во разни бои и за секаков вкус. Имаше две долги маси, по краевите наредени материјали. Сантиметри заврзани над масите, ножици кои мене ми изгледаа големи, врзани, со кои Кенан на мајсторски начин мереше, сечеше, диплеше и на крај ја подаваше купената стока со благослов:

Со здравје да се носи. Честит Велигден. Големи да растите.

Неговата насмевка и денес добро ја паметам. Имаше шарм. Вистински староградски господин. Дотеран, културен. На секој му обрнуваше внимание, нам ни викаше „куклиња“.

Покрај горната и долна облека, новите чевлички, чорапи, нам „чупињата“ ни купуваа свилени курдели, кои ни ги врзуваа на косата. На Велики петок цела улица мирисаше на гурабии и козињаци. Некои ги плетеа во плетенки, а некои ги ролуваа со мармалад. Мајка ми беше мајстор за приготвување на козињак, а од истото тесто правеше ролади со ореви и афион. Таа ги нарекуваше „ореховњача и маковњача“. На комшивките одеше и им месеше, а најмногу на Митра, куќа до нас.

Пуста сиромаштија, и на Господ му е тешка, велеше тетка Митра на Пецо.

Беше побожна, дотолку што постеше секои среда и петок.

Сиромавиот секогаш е подарежлив. „Кај сиромав оди најади се, кај богат назборвај се“, тоа го кажуваше со зaбелешка дека сиромаштијата е во душата, не во џебот.

Мајка ми им беше на располагање на сите комшивки. Штом некоја имаше потреба да се подготват слатки, специјалитети, зимници, со мерак го правеше тоа. Правеше најубави слатка од кора од портокал, зелени домати, мали црни патлиџани, од жолти домати, кои денес ги нема на пазар. Поготово слаткото од дуњи кое го сечеше на парчиња и во него ставаше, за арома, лист од барбароза. Слатко од тиква, мармелади од шипки, од црни сливи. Така, за Велигден на сите што ќе им помагаше, добиваше материјал за нас. Инаку, со право велеа: „Колку што е лута, дупло е вредна. Кога има мерак, никој не ја стасува“.

На Велики петок, пазарен ден, на Ат пазар купуваа јагниња. Ги колеа. Тоа беше „курбан“, принесување жртва во чест на Христовото воскресение. Бевме тажни штом слушневме дека колат јагне. Бегавме во ширината. Ушите ги затнувавме да не слушаме како жално блеат.

Во сабота, на полноќ, од најстаро до најмладо, одевме во црквата Свети Димитрија. Купувавме свеќи исклучиво од црквата. Тенки, извртени во кошниче, обоени со разни убави фигури. Кога ќе ги запалевме, полека ги одвртувавме со рака. Штом чукнеа камбаните во дванаесет часот на полноќ, си велевме едни на други „Ристос воскресе, вајстина воскресе“.

Настојувавме запалените свеќи да ги донесеме дома. По долгиот пост, можевме да јадеме што сакаме. Јагнешко печено, дроб-сарма, кукурец, чкето, чкембе, или јагнешка чорба, јогуртли тава. Староградски битолски познати специјалитети, а за Велигден ги имаше на секоја трпеза. Неколку дена јадевме козињак со млеко, гурабии.

Во недела, на Велигден, убавина од дотерани деца. Светевме во нова облека, ,,зa сто мераци“. Се радувавме на обоените јајца, на кршењето. Ако некое јајце беше кршаче, ќефој бевме. Одевме по јајце кај сите познати и роднини. Секоја година одевме кај стрина Велика, жена на стрико ми Архил, која беше извонредна домаќинка. Замислете, за едно јајце одевме кај бактериолшка, денешна улица Партизанска. Од соберените јајца неколку дена се насладувавме. Правевме салати со киселина, буковска пипер, сол и масло.

Извадок од книгата на Љиљана Дијакова Томичиќ, Огледало на животот. Лично за нас досега немаме сретнато поживописна книга за Битола и битолчани. И баш би сакале уште продолженија…

Фотографија насловна на Photowall_Pro