Вторник е пазарен ден во Битола уште од 1904 година

Евреите во Битола биле многу работливи, трудољубиви и заинтересирани за многу занаети кои им овозможувале да бидат препознатливи во градот, но и надалеку во Драч, Костур, Солун, Венеција, Дубровник. Според историчарот Ѓорги Димовски-Цолев битолските Евреи посебно се истакнувале со изработката и трговија на веленца, трговија со волна, чоја, восок, кожа. Освен што биле трговци извозници тие биле и внесувачи на странски дефицитарни стоки. Во битолската чаршија вриело од луѓе продавачи и купувачи. За да секојдневието им биде поубаво, попријатно, низ чаршијата дуќанџиите сами засадувале дрвца липи и лозници, а багреми биле садени од двете страни на реката Драгор кои и ден денес постојат преку нивно обновување. Во таква атмосфера се одвивал секој ден, посебно пазарниот ден кој за Битола бил одреден да биде во недела. Денот не бил погоден за христијанското население кое во недела претпладне секогаш одело во црква и затоа на барање на битолските еснафи и со одлука на османлиската власт од 12 март 1904 година, неделата била прогласена за неработен ден, а денот вторник за пазарен ден. Од тогаш, до ден денес во Битола пазарен ден е вторник.