Испечатени фотографии на лица од документарен филм….Толку понеле со себе ентузијасти од Австрија, Германија, Франција па и Финска, кога одлучиле да дојдат во Македонија по „буковска пипер“.

Едноставно, сакале да го пробаат тоа „чудо“. Го изгледале филмот, им се видело превкусно, но брзо сфатиле дека не можат да направат електронски нарачки. Без да се двоумат, ја зеле работата во свои раце. Ги „запалиле“ камп-приколките и, ни повеќе – ни помалку, допатувале во селото Буково.

Сакајќи да ги најдат и лично да се запознаат со луѓето кои го прават овој наш, „стар“, традиционален зачин, со фотографиите оделе низ селото и ги барале.

– Прашуваа каде живеат, лично доаѓаа кај нив да ги запознаат, да се поздрават, да купат производ,…, Тоа беше и се уште е, случка за памтење, вели Елена Каровска од Буково, чие семејство со години прави и продава „буковска пипер“.

Каровска раскажува како се почнало.

– По снимањето и прикажувањето на документарниот филм за „буковската пипер“, пристигнаа многу меилови со барања да се испорачаат семиња или пипер надвор, во Франција, Австрија, Германија,… Но, проблем беше тоа што „буковската пипер“ не е регистрирана како национален производ. Со оглед дека не можевме да испорачаме, луѓето што беа заинтересирани, дојдоа тука, со камп-приколки. Ги испечатиле фотографиите на лицата од филмот и така ги бараа низ селото, истакнува Каровска.

Филмот го сними АРТЕ ТВ од Берлин кон крајот на септември 2016 годинаа. Премиерно беше прикажан во април 2017, по што следуваа проекции во повеќе држави. Станува збор за епизода од серијалот „На трпеза кај….“. Секоја од епизодите е снимана во некоја од државите на Балканот. Кај нас фокусот е ставен на пиперката, како дел од јадењата кои авторите/сценаристот ги асоцираа на Македонија. Филмот трае 25 минути и ги опфаќа сите активности што се поврзуваат со производството на пиперката, манипулацијата и секојдневната употреба во кујната на жителите од Буково.

– Името/називот „буковска пипер“ се користи во селото Буково, изворно од жителите, како и во околината на Битола и пошироко. Мислам дека и во Крушево го користат. Сепак, на национално ниво, особено во скопскиот регион, „буковската пипер“ е попозната како „буковец“. Во суштина се работи за истиот зачин. Се прави скоро секаде, но најдобро во Буково, зашто локалните жители се уште имаат трпение целиот процес да го направат рачно, почнувајќи од садење, нижење, манипулирање со низите, но и бидејќи генетскиот ресурс кој го зачувале е подобен, лесна за сушење, вкус, мирис,…, токму за еден ваков производ, напоменува Елена.

Извор и повеќе тука на МакПрес

Врати порака

Please enter your comment!
Please enter your name here