Битолчаните Код 369, после промоцијата на видео записот Пеперутки, настапија во Скопје, во МКЦ.
„Оваа сезона планираме концерти, работа на новите материјали и секако издавање на албумот, концертот во Скопје е само почеток на сето тоа“,истакнаа од Код.
Бендот е формиран во 2020 година, а претставува продолжение на долгогодишната музичка дејност на членовите на бендот „Памперс“. Во „КОД 369“ членуваат Ирена Димовска (вокал), Даниел Митревски (гитара, придружни вокали), Иле Лулевски (тапани, придружни вокали) и Коста Стеваноски (бас-гитара, клавијатури).
Во музиката на КОД 369 се внесени нови музички моменти на фанк, џез и класични инструментализации, кои проткајуваат во препознатливата рок-основа и влијанија на современата музика во домен на поп и рок. Нивната музичка мисла секогаш се наоѓа на границата помеѓу алтернативниот рок и комерцијалната рок и поп-музика, задржувајќи ја свежината, слободата и авангардните идеи на првата категорија и прифатливоста на втората.
Во текстовите на бендот се препознаваат универзалните човекови и книжевни вредности, љубовта како движечка сила и моќта на индивидуата како двигател кон своето најдобро јас.
Последниот видео запис Пеперутки е снимен на сцената во Центарот за култура Битола.
Автор на видеото е Дејан Трајчевски, Encore media продукција.
-„Пеперутки“ е сага и инспирација за секој уметник кој сака да биде слободен да создава и да ја сподели својата креативна моќ за доброто на сите. Во време на сериозни закани за општеството и човештвото воопшто, уметноста како да го изгубила своето значење и ако не е излишна тогаш се игнорира. Ако има нешто што навистина ги поврзува сите луѓе, тоа е уметноста”, велат членовите на Code 369.
Песната е снимена и продуцирана од Даниел Митревски во Studio Atelier, мастеринг- Славко Ристевски ,Prosound Production Studio.
Фотографии: Баже Ангеловски
Текст Неда Маретиќ