Twoo Clicks. Двајца чкрапачи, два фотографи, по наше професионални сликари. А тие се беспрекорни вљубеници во уметничката фотографија: Весна Пукич и Александар Буневски.

Од кога постоите и како сето тоа дојде од идеја до реализација?

Постоиме од 2012 година. Идејата постоеше еден извесен период, па потоа сè започна набрзина бидејќи бевме повикани да ја фотографираме свадбата на нашиот актер Сашко Коцев. За нас, тој момент, беше навистина голем предизвик.

Машко/женска комбинација. Дали е функционална и дали важат марфиевите закони во тој случај?

Нашата машко-женска комбинација одлично функционира. Плус, многу е практична кога станува збор за свадба, бидејќи лесно се вклопуваме во зет-невеста ситуација.

Дали има такмичење помеѓу вас кој е подобар, кој подобра и поубава фотографија ќе направи, со повеќе лајкој и слично?

Единствениот натпревар кој постои кај нас е оној со самите себеси. Лајковите се моментална сатисфакција. Тоа што за нас е далеку поважно и потрајно се нашите среќни клиенти.

Често разговараме помеѓу нас како да бидеме поедноставни и поефикасни, што треба да промениме, што да воведеме и сл. Самокритични сме и секогаш се обидуваме да ги гледаме работите од повеќе агли со цел да го зацврстиме и усовршиме нашиот бренд.

Дали имате специфични барања од клиентите или нешто невозможно бидејќи некои од фотографиите се навистина со вонвременска димензија?

Најверојатно најспецифичното наше барање е младоженците да ни дадат повеќе време за свадбената фотосесија. Денот на прославата е скоро секогаш хаотичен, најчесто топол летен ден, младоженците и најблиските роднини брзаат со последни подготовки и проверки, некои паничат, други се опуштени, па почнуваат црковни и матични церемонии итн.

Секојпат, на средина од денот, кога младоженците се психофизички најистрошени почнува фотосесијата. Фотосесиите секогаш ни поминуваат во брзање (бидејќи за кратко започнува приемот на гости). Во такви услови младоженците освен изморени се и срамежливи. Најчесто и првпат пред фотоапарат, па нема време за опуштање, па брзаме, па по неколку clicks тие мислат дека фотосесијата завршила, а за нас штотуку почнала, па им велиме “Сега уште малку”, па тие ни велат “Готово? Фала дечки“, па ние “Чекајте уште една тука” нормално ги лажеме бидејќи ќе бидат повеќе од една итн. И после таква брканица издишуваме и си велиме во себе “Adobe Lightroom, god bless you”. И така некако настануваат тие фотографии со вонвременска димензија.

Дали за фотографирање треба некој основен или специјален курс или доволен е талентот и добра техника?

Добар курс по фотографија нема никогаш да наштети на било кој што сака да го продлабочи своето знаење во областа на фотографијата. Во секој случај, потребен е долг стаж на истражување, читање, експериментирање, добро запознавање со значењето на пост-продукцијата како и следење на светски фотографски трендови.

Дали добро се заработува од фотографирање и што би им препорачале на битолчани бидејќи Манаки починал сиромав, ама сега е славен?

Добро се заработува од фотографирање во Америка, Австралија, Германија, Англија, Франција и други држави во кои не спаѓа Македонија. 😀

Фотографијата е илјада зборови. Колку денес таа можи да ни раскажи бидејќи со експанзијата на технологијата секојдневно сме бомбардирани со илјада слики?

Фотографијата секогаш ја имала истата улога. И во минатото и денес. Единствената разлика на некој начин е само во бројот на поседувачи на фотоапарат. Денес е многу полесно и подостапно да имаш фотоапарат. Секако, тоа не те прави фотограф. Фотограф е оној кој има фотоапарат и страст.

Кога зборуваме на друго ниво, за вистинските фотографи, во светот конкуренцијата е многу голема. Има илјадници посветени фотографи кои што со една фотографија пишуваат еден цел роман.

Е ние, еден ден, сакаме да бидеме дел од нив. :)” – убаво и пријатно ни заврши нашето мало интервју и запознавање со една добитна м/ж фотографска комбинација.

Ние не можевме да се изнагледаме на нивните галерии кои топло Ви ги препорачуваме и вас!

Затоа клик ТУКА или на сликчето подолу:

Ви благодариме TWOO CLICKS и Ви посакуваме уште мноооогу чкрапање и работа до пензија и после пензија…

Врати порака

Please enter your comment!
Please enter your name here