Темелко Тасевски од с.Лавци попознат како Темелко Фурнаџијата со фурна за леб во битолската чаршија на место викано ,,Кај Бочварите” е една од големите маркатни личности на Битола кој има направено многу дела за кои малку се знае и не се запишани само заради неговата голема скромност. Тој сакаше да им раскажува само на неговите најблиски од фамилијата кои до ден денес грижливо ги чуваат неговите раскази и мемоари. Тој е човекот кој го ризикуваше неговиот живот и животот на неговите најблиски криејќи ги на таванот од неговата фурна големите партизански имиња Стив Наумов, Вангел Мајорот и Таки Даскалот од каде заминуваат за партизани. После 11-ти Март 1943 г. ги крие Евреите Моше Касорла, Шимон Ароести и Јосеф Ароести на кои оттука им обезбеди сигурен спас и сите пребегнаа во Албанија, каде и се спасија од канџите на фашистите кои сакаа да ги одведат во логорот на смртта во Треблинка.
Темелко Тасевски Фурнаџијата
Темелко бил роден во с. Лавци 1888 година и живеел 90 години се до 1978 г. кога почина во Битола. Проклетството на овие простори кое го носеше животот на овај Балкански полуостров не го заобиколи и него Шест години бил војник и учесник најпрво во Балканските војни , па во Првата светска војна во сите војски каде што му беа потребни војници. Учесник е на Солунскиот фронт и ја преживеал битката на Кајмакчалан.
Преживеал благодарение на неговата храброст и жилавост за да си го сака животот со помисла на неговото семејство. Успевал да се прехранува со мала количина на храна која ја купувал со ситните парички кои ги добивал како војник. Во брак бил два пати. Првата жена му била Велика со потекло од с.Буково со која имал осум деца, пет машки и три женски и тоа: Јонче, Вангел, Александар, Панде, Слободан, Мара, Фането и Илинка. Велика починала млада. После неа Темелко се преженил со Илинка која истотака била од некое битолско село и доста помлада од него.
Темелко Фурнаџијата со втората жена Илинка
Со неа го помина остатокот на неговиот живот се до крајот. Таа почина на 62 г. Односите во фамилијата помеѓу децата од првата мајка заедно со втората жена биле беспрекорно добри и коректни се до крајот на нејзиниот живот. За тоа и денес се присутни нивните мемоари и сеќавања од животот и дружбата со неа дури и за време на нејзиното заболување од рак кога целата фамилија се преселува кај неа со цел да им ја дадат потребната нега.
Местото викано ,,Кај бочварите” каде што беше фурната на Темелко
Некаде кон крајот на дваесетите години од минатиот век ја отвора фурната во Битола во која работи со своите синови. Заради неговите активности и помаѓање на партизаните Темелко подолг период од Втората светска војна бил во бугарскиот затвор кај црн Мост. Тука заедно со неговата 12 годишна ќерка Фането претрпил големи страдања и мачења за да ги предадат партизаните и нивните конекции. Малото девојче била курир која пренесувала храна и писма од с.Лавци до Битола и назад во шумата кај партизаните за што заедно со Темелко биле предадени од нивни соселанец викан Пафтарот.
Точната локација каде била фурната, голема благодарност до Лена Јованович
Како што раскажувал Темелко неговото мачеење се состојувало најповеќе од тепање со тврди предмети по стомакот поради што имал големи деформитети кои биле забележани и од неговата фамилија која била на посета кај него. Неговата ќерка била корнета за косата од страна на тогашните бугарски фашисти, но не успеале да добијат никакви информации во врска со тогашниот партизански отпор и движење и биле ослободени.
Фотографија од Фанчето, голема благодарност до Маријана Петровска
Додека бил во затворот тука со него била и партизанката Лена, подоцнежна жена на Вангел Тунелот. Неа и предложил да изврзи еден по еден од затворските чаршафи кои ги имаа во келиите и да побегне од затворот, идеја која таа храбро ја прифатила и успеала да побегне на тој начин.
После војната Темелко ја затвора неговата фурна во старата битолска чаршија и добива боречка пензија која ја користи се до крајот на неговиот живoт.
Синовите Панде и Аце пред нивната фурна во битолската стара чаршија „Кај Бочварите”
За сите овие активности поврзани со партизанското движење Темелко Тасевски Фурнаџијата добива почесни медали и уверенија како Орден за Заслуги на народот од 3-ти ред, Партизанска споменица, Орден на Братство и единство со сребрен венец, Орден Братство и единство од втор ред, Орден за храброст и др[1]. Бил голем пријател со Вера Ацева. Погребан е на партизанските гробишта во Битола.
[1] Во спомен кон Слободан Тасевски кој почина пред шест месеци и цел живот чекал да го контактира некој за да ја прераскажи оваа приказна за неговиот татко, но за жал не дочека. Голема благодарност за раскажувањето до неговата жена Десанка Тасевска и неговата многубројна фамилија од Битола. Собрал Зоран Ѓоргиев, месец мај 2023 г.