1-ви мај на времето:

– Уствари не беше 1-ви мај пошто се славеше два дена шо беа неработни па се одеше на 2-ри мај на излет и скара
– Музика: едно цд srpsko едно цд stransko едно цд oxrid 2002 се пушта од кола на најгласно. Ќе го сјебите акумулаторот после четири дена ќе ве бараат со полиција и хелихоптери. Вашите ќе испечатат и некролози и ќе се разочарани шо џабе фрлиле пари, а вие сте се вратиле
– Храна: сите најодвратни нуспроизводи на месната индустија од локалниот месар шо многу сака мачки и ги прибира да ги чува. Плус бел леб шо сега можи да се смета за хемиско оружје.
– Алкохол: се шо може. Неколку гајби пиво, ракија, вињак. Ќе се отрезниме те дури оценките ко ќе ги земате на 17-ти јуни
– Локација: куќата на баба му и дедо му на некој другар на село која упорно ја вика “вилата”
– Облека: најлошото шо го имаш. Буквално. Искинати тренерки, маица од партија, патики шо ќе ти направат инфекција и ќе останеш без една нога. Сѐ тоа за да не се замирисаш на чад
– Цена: машки 500, женски 300

1-ви мај сега:

– Споен со Велигден, Ханука, Божиќ, Денот на Костнот во Лешок и зимски Свети Никола па можеш да одиш во Грција, Бугарија, Албанија, Финска, на Марс или во Пехчево да провериш дали има живот
– Ако немаш за то се упатуваш до најблиското етно село. 247 слики од етно село шо не е ни село. Има и струја, интернет, Далкири коктел, а нема ни една крава, кооперација, трактор и локален пијаница
– Ако веќе одиш на излет то е посебно доживување. Музиката не е повеќе три цд-а туку музика од лаптоп на блутут звучник, а затоа што во секоја група од 10 луѓе Заводот за статистика потврди дека има барем тројца диџеи се менуваат со сетови и цел пикник е бојлер рум за сиромашни. Дур не му пукне филмот на некој па на Јутуб пиши: najgoleme juguslavenski hitove
– Храна: Веганска, вегетаријанска, кошер, халал… Авокадо на скара со мала доза на шафран и органски сенф, исушено манго за енергија и антиоксиданси, органска плескавица за тој еден шо јади уште месо со прелив од чија сос и морско краставиче. Некој од друштвото снима кукинг шоу за цело ова време. Сите се алергични на се па со вас има и екипа на брза помош, пошто некролозите шо ви ги испечатиле порано сега не важат
– Алкохол: Нема. Смути се пие и протеински шејкови
– Облека: Манго ланска сезона, кошула од Пул енд бер, фармерки до глуждови и куси чорапи, цветни фустани да одговараат со природата, карирани кошули ко во трето по книшката да ја земаш. Подобро облечени од старите генерации на матура. Ќе растурат на инстаграм.
– Цена: 1000 машки, 1000 женски јер рамноправност, 1000 денари тие со флуиден идентитет, бесценето да не одиш и да пиеш дома сам.

Божидар Божиновски