Образованието на еврејските доселеници во Битола најпрвин започнало во нивните верски храмови т.н. синагоги. Освен верски книги во синагогите постоеле и верско – филозофски книги, книги од правото така наречени Респонси (прашања и одговори), како и книги од класичната еврејска литература. Меѓу сите книги видно место заземало Светото писмо или Тората (Петокнижието од Мојсеј – Стар завет). Исто така во синагогите постоеле за секојдневна употреба и други религиозни обредни молитвеници. Бидејки во нив беше забрането присуството на мали деца, неопходно за нивниот развој беше формирање на институции каде ќе има место за сите нив. Поради зголемувањето на нивниот број уште во 16-ти и 17-ти век се отвориле првите еврејски училишта во Битола. Од тој период е познато Талмудското училиште – Талмуд Тора (Talmud Torah) со кое раководел познатиот еврејски писател Јосеф Бен Леб и како единствено такво функционирало се до средината на 19-ти век, некаде 1863 г.

Образовниот систем на ова основно училиште бил исклучиво религиозен и во него предавале еврејски свештеници рабини (хебр. раби –мој учител) и хаками (нивни помошници) и тука се изучувале само Хебрејската вера и религија. Учењето во ова училиште било во традиционалните рамки со читање на пасуси двапати од Библијата и еднаш од Талмудот.

Училиштето Талмуд Тора се наоѓа на ул.Марјан Божиновски, некогашна Далматинска, на самиот почеток и влез во еврејското маало наречено Табана.

На почетокот од 20-ти век се уште било најголемото еврејско училиште во Битола. Во него настава посетувале само машки ученици кои биле на мала возраст, поделени во неколку групи . Едната група била во предшколска возраст од 3-6 години (нешто како градинка) и други групи кои биле со деца над 6 години. За време на нивната настава го читале текстот од светата книга Тора на хебрејски јазик и заеднички збор по збор бил преведуван на Ладино јазик. Рафаел Камхи, познат битолски Eвреин и учесник во Илинденското востание во 1903 г., во неговите мемоари го има опишано овај цел образовен систем како многу строг во кој владеела голема дисциплина. Во училиштето имало шест училници со ученици распределени по класови. Ги учеле буквите од хебрејската азбука , читаа и прераскажуваа приказни и сказни , ги читале петте книги на Мојсеј и се молеа. Тие не ги учеле хебрејски и поради тоа не го разбираа тоа што го читаа, бидејќи нивните учители не биле со соодветно образование и познавање на методите на пренесување на знаења. Пред изгрејсонце се молеа во синагогата, а тие кои не доаѓале на време биле казнувани со камшик по нозете или со спуштање во јама (бунар) врзани со јаже каде останувале со часови. Синагогата, просторијата за молитва, се наоѓаше во еден дел од внатрешноста на училиштето на вториот кат – страна исток.

Училиштето имало два ката со по 3 училници кои биле во висина од околу 4 метри, со под и душеме направени од дебели греди и штици. Бидејќи беше потребна голема светлина за учење во овие простории таа се добивала со многуте големи и дрвени прозорци од јужна и северна страна на објектот. Влезот во училиштето е од јужна страна и тука се направени повеќето фотографии спомен од тоа време. Во текот на нејзиното постоење забележани се неколку опожарувања кои биле дел од големите пожари во 1689 г. и 1863г. кои во минатото ја зафатија Битола и познатата битолска чаршија. Штетата од подниот пожар била санирана со помош на странски донации и е забележана во извештај на историчарот Арон Родриге во кој наведува дека рабинското раководство во Монастир побара помош од лондонскиот сер Мојсеј Монтефиоре, кој го охрабри британското Еврејство да направи донации и во името на 3000 бездомни Евреи да се соберат околу 2000 фунти, но Лондон да не дозволи со тие пари да се обнови традиционалното верско училиште Талмуд Тора. Во тоа време постоел судир помеѓу битолските рабини со Евреите од Франција и Англија кои сакаа да се ревидира образованието на сефардските Евреи во Битола. Во рок од година дена овие странски реформатори успејаа да го наметнат нивниот стил оформувајќи ги првите комитети во Отоманската империја се со цел успешно да биде подржано модерното школување на битолските Евреи.

Во 1894 г. во Битола допатуваа Самуел Леви , уредник на весникот Сефард Ла Епока од Солун и г-дин Маталон од Солун за да направат извештај за состојбата на училиштата во Битола. Нивната посета го навестија доаѓањето на помодерното учење во градот и почетокот на плановите за основање на француско-еврејска алијанса Alliance Israelite Universalle. Леви и Металон не биле многу задоволни од условите и образованието кои го добиваа малите еврејски ученици и состојбата во верското училиштето Талмуд Тора ја опишаа место каде што децата вегетираат во незнаење и нечистотија. Двајцата апелираа до заедницата на битолските Евреи да се обратат до Алијансата за да добијат помош и модерно образование со кое и самиот еврејски народ би напредувал.
Под влијание на Алијансата (Alliance Israelite Universalle), новите модерни времиња и потребата од модерно образование наставата во Талмуд Тората постепено се менуваше. Во 1902 г. , околу 158 ученици учеле во училиштата , 70 од нив поради тешката финансиска состојба биле ослободени од плаќање на такса. Во 1904 г. учеле 357 ученици од кои половина биле девојчиња.
За време на Првата војна немаме податоци дали зградата била оштетена од секојдневните бомбардирања, судејќи по нејзиниот сегашен изглед одговорот е најверојатно не. Најверојатно имала среќа да биде поштедена поради нејзината местоположба. За време на Втората светска војна овај објект служел како затвор и од страна на германската војска тука биле затворени руски војници и соработници. По војната тука во ова училиште се населуваат околу 20 фамилии , бегалци од Егејскиот дел на Македонија. Тие во неа прават имповизирани прегради и овај објект станува стамбена зграда. Од страна на Еврејската заедница од Белград уште во 60-тите е продадена на битолската фамилија Ниневски која до ден денес ја има во своја сопственост и колку што е во нивните можности се обидува да ја реновира и реставрира. Зградата е под заштита на Заводот за заштита на културно историското наследство во Скопје. При самата реконструкција и расчистување на некогашните стамбени единици кои биле преградени со тули и штици, од страна на сегашните сопственици е пронајдена тукашната светата Арка (Aron Kodesh) – место каде стоеле светите книги и каде бил молитвениот дел во ова еврејско училиште.

Таа од еврејското население кое егзистираше тука до 1943 г. беше сокриена во самиот ѕид. Нејзината конструкција е направена од штица со димензии од 2х2 метри, на неа има обележја од Давидовата звезда и Менора (свеќник со 7 краци како дел од Јудаизмот и еврејската култура) оформени од ситен метал.

Во училиштето има врата висока над 2 метри која датира од тој период заедно со кованата ограда која е поставена на прозорците. За крај можи слободно да се констатира дека тука се наоѓа подната синагога или молитвена просторија која е оставена како мало наследство од животот и функционирањето на некогашните наши еврејски сограѓани во Битола.
Поради конзервативното образование во ова училиште и под притисок на модерните времиња на крајот од 19-ти и почетокот на 20-ти век во Битола се отвараат и други еврејски училишта во кои настава заедно посетуваат момчиња и девојчиња се до 1941 г.*

Денес оваа градба е во приватна сопственост. Државата, па ниту локалната власт до денес нема изразено интерес или подготвеност за било каква помош во реновирање или санација. Талмуд Тора е најстарото еврејско верско училиште во Битола е уште еден голем и репрезентативен објект кој се носи рамо до рамо со цело културно историско богатство кое е колку толку зачувувано во нашиот град и е од голем бенефит за запознавање на неговата големина како град кој го создаваа различни култури, но за жал сѐ уште не сме во состојба ништо од тоа да негуваме или промовираме.


Голема благодарност до сегашните сопственици Менде и Софија Ниневски.


*Текст извадок од книгата „Заборавеното Еврејско наследство во Битола“, која моментално е во подготовка за публикација, автор Зоран Ѓоргиев.