Најубавиот празник беше Тајане-бојане. Тоа беше празник на улицата. Бевме среќни што се ближи овој празник на градот Битола. Којзнае од кога почнало да се слави, претпоставувам дека од дамнина. Самата песна има зборови кои ние механички ги изговоравме. Значењето и денес не може да се одгатне. Сепак, има елементи, кои даваат за право да се вброи во еден вид организирано питачење.
Тој наметнат-одомаќен начин за опстојување, ro натерало сиромашниот слој да се снаоѓа со песна, организирана од деца интересно облечени, на кои им се воодушевуваа а со тоа изнудуваа дарежливост
Секоја година, во јуни месец, се организиравме како поубаво, поуспешно, со повеке бериќет, да го изведеме. Имавме гардероба за разни комбинации. Ме облекуваа како невеста. Од перде ми правеа вело или денешен превез на глава. Џунџуле цвеќе во косата. Во бел долг фустан, ќе облечев штикли, нападно ме шминкаа на лице и на уста. Едно од машките деца облекуваше џакет, панталони, паларија од татко му, или од некој од повозрасните. Смешно облечен.
со цвет на реверот, седеше до мене како зет. Скоро секоја година зет ми беше Миле на Пепејка. Помлад од мене три години. Со тркалезна глава како топка, лице бело-црвено, малку повеке истакнати усти полни како шамбрела (внатрешна гума од велосипед, напумпана, со која се учевме да пливаме). Мица Пепејка, мајката на Миле, се трудеше да го дотера како зет. Бидејќи алиштата беа големи, ракавите, панталоните и џакетот ќе му ги извртеше неколку пати како ѓеврек, нанадвор. Чевлите му беа неколку броја поголеми, кои, кога одеше покрај мене, ги влечеше по земја. Ако ги поткренеше нозете, чевлите му паѓаа.
-Убав зет, на мајка. Дај боже да дочекам навистина зет да ми те испратам воодушевено на глас зборуваше додека го облекуваше тетка Милица.
Ќe ro фатев алаврацето-под мишка, “истопорени” застанувавме во првиот ред. Едно од децата носеше накитено ѓумче во кое се налеваше малку вода. Неколку деца, девојчина носеа плетени кошници во кои собиравме зајре: брашно, шеќер, ориз, сало во тенџере, масло во тамиџана, сол, црвен пипер. Од пазарот, кој во Битола беше богат со емиш и зарзават, добиваме: пиперки, домати, боранија, бамија, моркови, компири, магдонос, тиквички црни патлиџани. Од сѐ по малку. Јаболка, алабаш, кромид, лук, ореви. По неколку пати се вракаа децата да ги испразнат кошниците кај Ленка Пепејка, или кај некоја од домаќинките кои го организираа спремањето на заедничката гозба. Ние ги чекавме кај Житни пазар, кој се наоѓаше кај паркингот на денешен “Јавор”.
Најмногу месарници имаше во Безистенот. Освен свежо месо, продаваа кавурма, колбаси, пастрма. Таа чаршија имаше продавници на емиш, зарзават. Во еден од дуќаните
се продаваа посебно чкембе, цревца, џигерчиња и сл.
Цане Касапо, така се викаше продавачот, ни кажуваше разни случки од ромската популација. Го молевме да ги имитира, а тој пак навистина умееше оригинално да зборува како нив. Касапите по некое парче месо ни ставаа во тепсија:
-Ај нека е аирлија, пејте деца, за многу години. Леле, леле, убави зет и невеста, сватој, пејте малку посилно, погласно.
Шеговитите дуќанџии беа дарежливи, но некогаш им беше здодевно, бидејќи не бевме единствени.
-Е деца, деца денес многу ве има. Машала, што ќе правиме ако на сите дадеме, ама ајде, нека е за арно, троа мезе да се омрсите, така е адетот.
Другиот ден одевме по дуќаните, занаетчиите. Околу Житни пазар, на паркингот кај „Јавор“, селаните продаваа жито, ‘рж, овес. Се сеќавам, тука имаше уличен звучник кој емитуваше преку денот музика, стари шлагери. Тесни сокачиња, со безброј мали дуќани, дуќанџии на ситни дробулии, занаетчиите ни ставаа по некое динарче во ѓумчето.
-Леле, уморени сме. Зарипнавме од пеење се жалевме.
Некои деца имаа мелодичен глас, а некои пак немаа ни слух ни глас. Им велевме:
-Леле, затни муцка, не пишти, ич не те бидва, рикаш ко магаре. Само отворај ја муцката, глас не пуштај.
Капнати уморни, се враќавме дома. Деца, сте се пробесиле. Како коњи беглиски, цел ден вршите. Нозе ви се одкинаа од шетање. Ајде сега, дајте го ѓумчево, да видиме што бериќет сте спечалиле.
Танас, ќе го истуреше ѓумчето во тремот, на плочите.
У, машала, машала, добри сте.
Ќе ги одделеше по вредност динарчињата кои беа направени од алуминиум, ќе ги изброеше и ќе ни кажеше:
Сега, деца, има толку пари. Вие сте толку деца. Остајте вечерва да преноќеваат, така чини, да ви се со аир.
Комшивките се договораа од донесените намирници, која што ќе приготвува. Месеа леб, правеа турли-тава, компири, бел ориз, разновидни манџи. Како мравките ги носевме полните тави кај Трајан фурнаџијата. Гурабиите, раванија, потурена со шербет, месеното турте беа единствените слатки кои ги печеа дома. Фурната на Трајан беше над Илинденска улица, лево од Старскиот дом. На голема дрвена маса се оставаа донесените јадења.
Трајан беше црномањест, сув човек, со неколку сребрени заби, кои му се гледаа бидејќи постојано беше насмеан. На тепсиите лепеше пусулче, парагон блок, со број. Другиот идентичен парагон со „платено“ или износот за плаќање го даваше на муштериите. Низ отворот, вратата на фурната на жар, со помош на една голема рамна дрвена штица со рачка се служеше како играчка да има во рацете. Гледавме со каква леснотија прави распоред на донесените јадења. Знаеше кога е добро печено. Штом не догледаше на Тајане со тепсиите, со насмевка не благословуваше. Го тргаше черџето, цедилото и со прст погледнуваше на лебот, мрморејќи:
-Хм, сака уште малку да стаса. Браво, бре деца, алал да ви е. Колку многу тави сте напрајле, леле убајни, кој муциња ќе јадат од овие убај манџи, ах мајката! Алал да ви е мајчиното млеко, бериќетлии сте.
Маси, коклици, столици вдолж улицата редени, лајци, вилушки од алуминиум, по некое чингено каначе за вода. Постарите, поседнати, мезеа салата и чекаа да ги донесеме јадењата. Од заедничките пари му плаќавме на фурнаџијата. Гладни усти, маф направија, слатко се најадоа.
Браво, деца, ајде сега гитла!
Има ли поубав призор од сложни комшии. Сите бевме среќни, задоволни. Од една тепсија јадеме „со исаф“. Збор кој често старите баби, дедовци, мајки ни го зборуваа. Тоа беа зборови кои значеа одредена мерка, исаф и „намуз“ повеќе од срам. Турцизми кои беа одомаќени и во секојдневието, имаа воспитно влијание. По обилниот ручек, игравме, а повозрасните со песна, пијачка до доцна во ноќта се веселеа. Имавме професионални музичари : Вангел свиреше на кларинет, Љупчо на виолина. Едниот свиреше во Радио Битола, а Љупчо на Тумбе Кафе. Љупчо беше висок, сув човек, рус, со вцрвенето лице, подочници истурени од пиење. Беше кафански човек, алкохоличар. Најмногу ја сакаше песната „Нели ти реков, моме Донке“. Во младоста бил вљубен во некоја Донка. Паца, жена му, во шега му префрлаше:
-Аман бе, Љупчо, преку нос ни дојде со таа Донка, Ене, оди, не те држи некој.
Тој пак, ќе го развлечеше вратот, сиот наборен, ќе ја искршеше устата помодрена, ќе ја зацврстеше виолината на брадата како ништо да не чул, свири ли свири.
Мераци, сто мераци, алал да ти е, бре Љупчо! го фалеше Вета, мајка му.
Учтив Љупчо до немајкаде.
Мојата благонаклоност, сполајви на сите околу. Климајќи со главата, ќе погледнете дали има ракија. Ја креваше слабата стаклена чаша и испиваше на екс. Наздравуваше:
За многу години, ај да живејме. Да ни се многу години. Кој не пизми вака да не гледа.
Паца го гледаше нампоречки, вртејќи со главата.
Доста, Љупчо, камен се стори, пијандуро една.
Слушај ваму, не брбори како празна водејнца, ако станам, муцката ќе ти ја скршам, ме чу?
Ајде море стани, да видам која сила ја имаш?
Де, мори Пацо, ој си дома. Пијана работа, сишкир прв пат вака го гледаш. Па свадба е, мајката, чудо големо ако се испијаниме. Ги смируваше Мијал на Клочовци.
Циркузи за без пари коментираа жените. Доста ви е, срам ве изел, пред децата прајте сколободии, не ви личи на годините.
Одвај, со клатење, ќе се разотидеа по дома, уморни но задоволни. Неколку дена тема на разговор беа впечатотите околу овој настан. На Тајане како невеста одев до четиринаесет години. Последно Тајане ми беше кога еден шнајдер ми забележа дека сум голема чупа, да си барам вистинско момче. Следната година се вклучив во подготовката на зет и невестата. Невеста беше внуката на Пара, малечките: Лила, а зет беше Диме Лапето.
Љиљана Дијакова Томичиќ “Огледало на животот”