Битола деновиве е како фолклорен Гринич!
Се прашувате зошто???
Затоа што фолклорните групи од сите меридијани, од три континенти во светот се вкрстија тука, во нашиот град.
Нашите гости од Белгија, Италија, Русија, Мексико, Израел и од Индија велат дека се импресионирани од нивното премиерно гостување на Фестивалот „Илинденски денови“ и сите имаа ист одговор на прашањето како стигнале тука: Добриот глас надалеку се слуша…
…ИЛИНДЕНСКИ ДЕНОВИ
ИНДИЈА
Нашата фолклорна група е формирана во 2004 година, и годинава одбележуваме мал јубилеј – 15 години од формирањето. Кога размислував за основање на едно фолклорно друштво тргнав од мислата дека како активен танц-играч можам да направам нешто повеќе притоа промовирајќи ја културата на мојата земја.
Убеден сум дека привилегија е да ја претставуваш својата земја и нација. Но, исто така привилегија е да имаш можност да се запознаеш со луѓе од различни држави, и затоа со посебен мотив сакавме да дојдеме во Битола, да ја запознаеме македонската култура, луѓето што живеат тука, но и гостите од светот што ги запознавме на овој фестивал.
Ние доаѓаме од градот Ахмедабад кој се наоѓа во регионот Гуџарат. Нашиот град е познат по тоа што во него е роден светски познатиот Махатма Ганди, а од нашиот град е и актуелниот индиски премиер. Нашиот град е 6-ти по големина во Индија и во него живеат околу 8 милиони жители. Тоа е голем, нов и исклучително комерцијален град, со развиен бизнис, силен економски центар. Во нашиот град се одржуваат многу настани, но најголем е Фестивалот на танци на кој учествуваат најдобрите танцови групи од цела Индија, а во деветте денови колку што трае фестивалот, сите жители излегуваат на улиците и играат и се забавуваат до раните утрински часови.
Тоа се денови кога цела Индија го слави танцот!
Прв пат сме на Балканот. Многу сме возбудени. Иако сме вегетаријанци, за нас македонската храна е многу убава, изјави за фестивалскиот Билетен, Бихан Ша, основач и директор на Фолклорна група
„Шилпагија“од Ахмедабад, Индија. Бихан Ша, основач и директор на Фолклорна група „Шилпагија“ од Ахмедабад, Индија
БЕЛГИЈА
Јан Докорс, претседател и кореграф во Кралска уметничка група „Алкјуоне“ Белгија
Во нашата група има 120 членови, а во Битола пристигнавме со група од 36 членови кои на сцената играат со знамиња, дел од нив се музичари, перкусионисти и други. Во оваа прекрасна земја доаѓаме прв пат, а за Фестивалот научивме преку интернет, каде меѓу другото забележавме богата историја и архива илустрирана со фотографии и други податоци.
Во текот на нашето работење, во овие 62 години постоење, ние сме приредиле многу концерти и во различни држави, а точно 50 години сме Кралска уметничка група, организација во Белгија.
Нашата група посебно е препознатлива според облеката, носиите што ги имаат нашите членови, а таа е мулти функционална. Облеката ја одразува нашата традиција, но и ова ново Битола е прекрасна, подвижна, забележавме многу луѓе на Широк Сокак, прекрасна атмосфера и одлични временски услови.
Ние го сакаме ова сонце и високата температура од над 30 степени, и тоа е чиста спротивност од нашето секојдневие со врнежливи денови и ниски температури. Во Битола, со задоволство би останале цел месец.
МЕКСИКО
Алберто Гарсија, претседател на Фоклорен ансамбл „Региомонтано“ од Монтереи-Мексико Монтереи е познат индустриски центар во Мексико, тоа е град на многу работливи и среќни луѓе. Нашиот ансамбл има 80 членови, а во Битола гостуваме со 32 членови на ансамблот.
За фестивалската публика подготвивме една магична приказна за нашиот град во која има многу мистериозност, а тоа е еден сегмент од нашата традиција која сакавме токму во Битола да ја презентираме.
Како ансамбл прв пат доаѓаме на тлото на Европа, а тоа значи дека прв пат сме и во Битола во која сретнавме многу љубезни луѓе. Но, во Битола забележавме интересна архитектура и култура, многу нешта се собрале на овој простор и поднебје.
Битолчани, Ви благодариме за вашето гостопримство и се што направивте за да се чувствуваме прекрасно со Вас!
Прв пат на тлото на Европа,
и токму во Битола!
ИЗРАЕЛ
Бери Абидан,
кореограф и уметнички директор на танцова група „Халелуја“ од Израел. Нашата група е формирана во 1992 година и од тогаш до денес сме престојувале и настапувале на многу места во светот. Во нашите витрини има многу награди, златни медали…
Во нашата група имаме членови чија возраст е од 8 до 60 години, кои се распоредени и настапуваат на различни нивоа кои ја негуваат традицијата на Израел и еврејскиот народ. Во нашите програми често има кореографии од повеќе култури затоа што многу израелци живеат во разни држави низ светот, а таков е случајот и со дел од нашите членови кои живееле во Источна Европа, во Северна Африка, некои од нас доаѓаат од Азија, Америка…и затоа ние нудиме интересна комбинација од култури, привлечни кореографски движења, ориентални импресии и други кореографии кои што како што сме забележале тие предизвикуваат голем интерес кај публиката.
Искрено, не знаев многу за фестивалот во Битола, но сега кога сум тука, и кога гледам и ананлизирам, лесно е да се заклучи дека е исклучително професионален, одлично организиран, домаќините се многу љубезни и секогаш насмеани.
Заклучив дека овој фестивал има голема репутација.
Во оваа прилика сакам да порачам МИР ЗА СИТЕ! ДА СЕ ГРИЖИМЕ ЗА
МИРОТ СИТЕ, ЗАЕДНО!
ИТАЛИЈА
Антонио Гучароне, претседател на Фолклорна асоцијација „Паџети“ од Минтурно, Италија
Нашето Минтурно е познат агрокултурен, и центар на познати риболовци. Минтурно е град близу морето, и во непосредна близина на Наполи и Рим, и затоа често се случува риболовците да доаѓаат во Минтурно.
А, ние кои што за прв пат сме тука во Битола, освен риби сакаме фолклор и често програмските содржини ги поврзуваме со искуства на риболовците, нивни приказни и случки кои ги преточуваме на сцена како што тоа го направивме со познатата „Рицолата“ која е симбол на голем и богат риболов кој традиционално го славиме и наздравуваме.
Горди сме на името на нашиот ансамбл „Паџети“, а тоа доаѓа од името на малите деца кои живеат во кралски двор, а кои ние во Италија ги викаме паџети. Затоа порачувам децата, младите, што повеќе да членуваат културно уметничките друштва и да го сакаат фолклорот.
РУСИЈА
Татијана Николаевна Разбоева, директор на Фолклорна група „Кладец“ од Москва, Русија
Фолкорната група „Кладец“ е една од најсилните фолклорни групи во Москва која на фестивалот „Илинденски денови“ во Битола доаѓа по препорака на Министерството за култура на Руската Федерација.
Нашето меѓународно фестивалско движење е исклучително големо, во моментов многу наши групи се на меѓународни фестивали низ Европа, а ние тука сме 20 членови на ансамблот чија просечна возраст е 27 години, но имаме и помлади и повозрасни членови.
Нашите фолклорни програми се базираат на руската традиција, а во Битола ќе презентираме фолклор од централна Русија за кој е карактеристично пеење и играње во исто време. Мора да кажам дека многу се израдувавме што добивме согласност да дојдеме на овој познат македонски фестивал. Ваквите фестивали се многу потребни бидејќи на фестивалските сцени настапуваат деца и возрасни кои пренесуваат многу емоции и тоа може само да се види и тука во Битола.