Стефан Петровски е еден од нашите битолчани кој ја има таа среќа и чест да работи на највисокото работно место во Македонија на Антена, на надморска висина од 2601м. Сите што го познаваме него не можеме да најдеме ниту еден лош збор, од голем и пожртвуван другар кој на секого за сѐ му излегол во пресрет , до страсен љубител во планинарството и планината, еден од ретките луѓе кои се постојано насмеани и позитивни.

Стефан Петровски десно, Ѓорги Костовски Џоката на средина, Јонче Илиевски Мурато лево, фотографија на Виктор Калаузи

Денес по повод неговиот Именден од срце рековме да го контактираме и на кратко да ни раскажи за неговата животна сатисфакција.

Какво е чувството да се работи баш на толку високо место и дали во Македонија и наоколу има некој други кои работат на повисоко?

Чувството да се работи на 2601м е нешто што со зборови тешко се опишува. На 2601м владее еден сосема поинаков свет и правила од тој на 2000м подолу од нас (Битола). Но кога човек е силно вљубен и мотивиран во тоа што го работи тогаш нема никаква пречка и тешкотија. Како што знам единствено место во нашата околина а и на Балканот, кое има постојани работници, а е повисоко од Пелистер е на највисокиот врв на Балканот Мусала (2925м.) каде има метеоролошка станица.

Од што се состои вашата работа на антенскиот предавател на МТВ и кои се вашите задолженија?

Ние како технички лица имаме задолжение за обезбедување непречен пренос, емитување и дистрибуција на радио и телевизиски програми и други информациски содржини, одржување на јавни електронски комуникациски мрежи. Контрола и мерење на квалитетот и покриеноста на територијата на цела Македонија со радио и телевизиски сигнали емитувани од Македонската Радио Телевизија, како и контрола и мерење на сигнал од други Радиодифузни станици. Предавателниот пункт Пелистер зрачи со сигнал и има постојано вработени лица уште од далечната 1965 година.
Благодарение на близината на Италија и секако височината на Пелистер, битолчани ја имаа привилегијата, први во Социјалистичка Република Македонија да следат директни телевизиски преноси со посредство на италијанската телевизиска станица – РАИ, преку малубројните телевизиски приемници во тоа време.

Кои месеци се најубави за посета на мв Антена: Дали изгрејсонцата се најубави на зима, а зајдисонцата на лето?

За тоа нема правила, горе секој ден е различен и не знаеме со што ќе не почести на почеток или на крајот од денот. Од прекрасни изгреви и залези се до магла и видливост од само 2м.
Секој месец, секоја сезона си има своја посебна магија која се обидувам преку објективот на мојот фотоапарат да ја доловам со сите и да ја споделам уникатноста на нашиот убавец.

Дали големата љубов кон планината и планинарството сега заокружена и со вашата работа на едно од најубавите места на Баба Планина?

Дефинитивно ДА. Отсекогаш посакував, мечтаев да работам на „Антена“ како што ние битолчани знаеме да си ја викаме. Еве и после 4 години сè уште не знам дали е јаве или сон.

Денес е Св. Стефан, да Ви честитаме име, што би му посакале на Битола и Баба Планина заедно со битолчани во новата 2022 година?

Благодарам многуу. Посакувам што повеќе Битолчани да го уживаат, откриваат, чуваат и развиваат Пелистер, да ги споделуваат неговите убавините, и да бидат горди што ја имаме една од најубавите планини до нас. Изразувам голема благодарност до постарите колеги од кои секојдневно учам и се надградувам во мојата работа.