Започнуваат топлите летни месеци во Битола. Најубавиот период за нашиот град. Во центарот кај Градскиот часовник дрвата се скроз разеленети и покрај сивилото на градскиот асфалт и паркираните возила доминира зелената боја. До половина е разеленет дури и Драгорот. Се шири мирисот на пресно косената трева, а прскачите со вода тивко и неприметно му ја даваат потребната свежина за таа константно да си ја има својата убавина.

Разнобојни цвеќиња, љубичици, џинџулиња и понекое розево дрво магнолија, ја надополнуваат оваа мирна убавина и му даваат мала магична привлечност на нашите очи, кои шараат горе, долу на сите страни.

Седнати на клупата во паркот, прво што ми иди на памет се моите спомени. Еден мал блиц скокајки низ годините.

Памтам баш тука кај сато, во пет поручек, беше паркирано импровизирано шаренолико вовче. Го викавме Мечо. Зошто така и ден денес сеуште незнам, треба Кумо да се најди и праша. Ама поминаја многу години, ако не дваесет и како во сенка ми се сите сеќавања. Напред беше возачот со локомотивчето, а позади него имаше три шарени вагончиња. Тие беа специјално направени за да се седи во нив и да се ужива во погледот од неговото возење кое беше како во круг, надолу по Широк Сокак, Шеталиштето, Тумбе Кафе и Зоолошката градина, па назад…

За време на летниот период се активираше и беше сензација за сите нас и странските туристи кои тогаш знаеја и да се сликаат со него. Се разбира тој шо шета низ светот со него и апарат си носи, ние бевме оттука и нажалост не напрајвме ниту една слика.😊 Ни останаа само сегашните спомени и пресни сликчиња од вагончињата кои моментално се наоѓаат напуштени и запоставени на крајот од Зоолошката.

Низ годините имаше некој напори за повторно да се врати, но до ден денес сеуште нема ништо конкретно.
Вовчето Мечо ни остана само како симбол од сеќавање за едни убави времиња, кога уживавме со сладолед и шеќерна волна, уживавме во неговото возење и бевме пресреќни кога ќе го слушневме неговото впечатливо ѕвонење при тргнување или возење надолу до Тумбе Кафе. Баш би сакал и нашите деца тоа да го почуствуваат. Убо би било и за странските туристи кои на еден брз и функционален начин би се запознале со нашата Битола, Тумбе Кафе, Зоо и Хераклеја…
А кој милува од вас нека ме корегира и дополни, нека клај некое сличе ако има, вовчето Мечо до ден денес ни остана длабоко во сеќавањата наши…
Денес има многу “мечовци”, можи еден од нив ќе клај рака пак да се врати, дај боже, времето ќе покажи….

Врати порака

Please enter your comment!
Please enter your name here