Битолски Пелистер ја забележа и втората претсезонска победа во пријателските натпревари. Петтопласираниот тим од минатата сезона во Суперлигата, по триумфот над косовска Беса со 40-31, славеше и над Радовиш со 41-36.
На натпреварот одигран во Битола, победникот беше решен уште во првиот дел, кога избраниците на Томе Петрески водеа со 21-16. Во второто полувреме играа сите играчи од ростерите, но тоа не пречка да бидат постигнати дури 40 погодоци.
Битолчани, откако стартуваа со подготовките за новата сезона, одиграа два меча и тренерот Петрески може да биде задоволен од нападот, кој постигна 81 гол, но ќе треба да се поработи во делот на одбраната, која прими 67 погодоци.
Пелистер претстојниот викенд ќе одигра уште два пријателски натпревари против грчкиот ПАОК на гостински терен во Солун, а меморијалниот турнир „Боро Чурлевски“ ќе биде последна проверка пред стартот на сезоната и дуелот со Еурофарм Работник.
Извор Гол.мк