Во периодот меѓу педесеттите и седумдесеттите години претпријатието ,,Киро Дандаро” бележи натамошен развој. Со набавката на нова и соодветна опрема се создадоа можности како за проширување на постојните одделенија, така и за отворање на нови.
Во 1954 година била набавена прва автоматска машина за сечење – полиграф. ,, Стоев до сервисерот од Германија и од него учев како се работи на таа машина” вели Ѓорѓи Трајковски. Со таква машина полесно се сечеше и било овозможено за печатење да се земаат поголеми тиражи. Така, на пример, тогаш во Битола биле печатени даночни книги за цела Македонија во тираж од 250.000 примероци.
Д. Ѓорѓиевски истакнува дека некаде во 1956 година бил печатен првиот македонски телефонски именик. Тој бил сложуван исклучиво рачно. Маките со него го натераа тогашното раководство да размислува за набавка на линотипка. Таа година и била набавена првата линотипка – италотип.
Во 1957 год. бил направен значаен чекор во поглед на техничкото опремување на трудот. Тогаш биле набавени 3 атени, еден италотип и нож за хартија. Графопресот бил набавен во 1958 год.а во 1959 год. и првиот автоматски нож-перфекта.
Во овој период се прошири Книговезницата, се отвори ново- Линотипно одделение, а исто така и Одделение за картонажа. Со тоа се создаде можност да се зголеми и бројот на работниците, односно од околу 33 работници во 1952 год. на околу 60 работници во 1958 год.
Во Линотипно одделение биле набавени 2 нови линотипки. Според Бранко Велковски, “За
нивни поими линотипката била чудо за Битола. Чудо беа и автоматските машини, атените и др.”
Натамошниот напредок зависел од можностите да се обезбедат средства. Во ова време се проширува работата во Печаторезницата и Цинкографијата.
Во 1958 год. за директор бил поставен Никола Лозановски, додека технички директор
бил Димитар Кукулим. Во нивно време била основана картонажа, која била сместена во просториите (сегашни дуќани) спроти зградата на Извршниот совет на Општина Битола. Според сеќавањето на Ристо Влашки, во Картонажата покрај него работеле Алеко Трајковски, Бубица Жежова и др.
Во Одделението за картонажа биле правени кутии за локум за потребите на битолски „Прогрес“ но и за пазарот. Во дел од Картонажата се правеа бакалски ќеси од 0,5 до 5 килограми. Исто така биле правени кутии за потребите на Фабриката за фрижидери „Ѓорѓи Наумов” Битола.
Со акт на Народниот Одбор и Општината Битола бр. 04-8360 од 24.11.1960 г. на Печатницата и се доделени петте хали од Армијата, тогашните коњушници, секоја од 560м2“. Ова беше одлучено по барање на претпријатието, бидејќи во зградата кај Саат Кулата немаше простор за работа и развој на претпријатието. Освен тоа Картонажата беше сместена во други простори надвор од претпријатието.
Макар што за адаптацијата на просторите и околината требаше многу труд, сепак својата иднина Печатницата требаше да ја гледа тука, за што превзеде активности за адаптирање на доделените простории.
За состојбата на зградите најсликовит опис даваат повеќе работници. Со преселувањето во просториите на поранешните коњушници, со работа не можеше да се отпочне. Имаше јасли, алки по ѕидовите, без соодветен под и прозорци и низа друго. Се отпочна со работа, ги кршевме јаслите, се отвораа прозорци, се правеше подот, се редеше паркет. Се греевме со соби дрварници. Голтаме чадови и пепел. Им помагавме на мајсторите во работата – мизерија. Немавме струја и бевме принудени да земиме привремено еден агрегат дури да пуштат редовна струја. Го тргавме како бродските мотори за да се запали. Копавме
дупки за бандерите, влечевме жица, се мачевме со агрегатот. Со еден збор – судни маки”.
Во новите простории имаше простор повеќе како за работниците исто и за опремата,од 1960 се набавуваат нови машини меѓу кои и првата Оф-сет машина, Б3. После тоа биле набавени еден копир-рам и еден шлајдер.
Според кажувањето на Риса Трајковска во 1962 год. бил набавен првиот нож за сечење, фалц-машина, машина за позлата и воден жиг. Таа година биле набавени рачни колички и вилушкари.
Во 1963 год. биле набавени две офсет-машини, ОМ2 и ОМЗ еднобојни формат Б2. Таа
година била набавена и двобојна офсет-машина Б1, штанц машина, една ФКМ машина за виткање на амбалажни кутии, две нови линотипки, нож за сечење (сејпа), фалц-машина, тул-машина и друга поситна опрема. Исто така, во 1963 год. се превзедоа мерки за проширување на дејноста. Се бараше амбалажа за цигари, прашоци и др. за која цел се набавија штанц-тигли.
Во тоа време по кажувањето на Димитар Кукулим, преку „Графика“ од Нови Сад биле
набавени репродукциона фото-камера, еден шлајдер, еден копир-рам, една цртачка маса,
една монтажна маса, една сушара за филмови и друг поситен прибор. Сите средства беа од тогашниот југословенски пазар, а офсет-машината од источните земји. Таа послужи за освојување на пазарот во Македонија, Косово и дел од Јужна Србија. Овај пазар го освојувавме со квалитет, цена и брза испорака.
Еден од мајсторите кои придонесоа за развој на новата технологија во Печатницата е Алексо Најдовски. Тоа беше техниката ситопечат, која според него проработила во 1963 год. Тој во 1964 год. го направил и првото повеќе бојно клише во Битола и тоа во врска со одржувањето на симпозиумот за моликата на Пелистер.
Клишињата се работеле на стакло. „Бев задоволен вели Алексо Најдовски, и покрај тешките услови во кој работев. Тогаш работевме клишиња на стакло. Му благодарам и ја ценам работата на Бале Ангелевски. Тој беше прв што во нашата цинкографија отпечати повеќебојно клише”.
Со сито-печат биле правени корици во боја, благодарници, признанија, етикети на каширана златна фолија, покани, честитки, целофански ќеси (за пиперани во Србија), знамиња, вреќи и др.
Според евиденциите во овој период т.е од 1961 до 1965 г. директор на претпријатието беше Митко Несторовски.
Во 1965 год. дошло до поделба на печатницата на два погони: Погон за висок печат и Погон за рамен печат. Во Рамниот печат биле вработени околу 100 работници. Во време на директорот Митко Несторовски, печатницата
воспостави деловни односи со тутунските комбинати во Гнилање, Врање, Ниш, Прилеп и
Куманово. За нив беа правени кутии за цигари. Исто така, се работело и за „Охис” од Скопје кому му биле правени кутиите за прашок „Билјана”.
Од 1965 год. за директор на
претпријатието беше избран Петар Василевски -Дафино. Во негово време се набавени нови
офсет- машини за печат, штанцување и лепење. Офсет – машините се од руско и источно-германско производство. Во тоа време се зголеми производството за споменатите тутунски комбинати, за Охис и др. купувачи… (продолжува)
Голема благодарност до Директорот на Киро Дандаро дипл. ек. Драги Милошевски за отстапените материјали