Битолско минато
Со ПЕТ(ар) во ПЕТ(ок)
Петар Ставрев специјално за ,,Бабам Битола”
-На Петровден во храмот ,,Св. Софија” во Охрид на свечена церемонија игуменот на Бигорскиот манастир архимандрит Партениј беше хиротонисан за епископ Антониски.
Всушност тоа е Зоран Фидановски роден на 29 октомври 1970 г. во Битола со стан на ул. ,,Цане Василев” бр. 23.
Тој потекнува од македонско православно семејство коешто ги негувало традиционалните христијански вредности. Средното богословско училиште ,,Климент Охридски” го заврши во Драчево, а потоа и Православниот богословски факултет во Скопје. Со монашкиот живот се запозна во манастирот Григоријат на Света Гора, а во 1995 г. ја започнува својата монашка дејност во Бигорскиот манастир.
Монашкото братство на Бигорскиот манастир предводено од игуменот Партениј за четврт век од возобновувањето изврши целосна преродба на духовното живеење во Долна Река и Мијачијата.
Тој ги обнови традициите и обичаите во прославувањето на големите црковни празници, а во тој период е изграден манастирот во дебарското село Рајчица, го обнови сестринството, ја изгради ,,Куќата на Мијаците” и успешно реализира повеќе други зафати во западна Македонија.
Интересно е што и првиот македонски епископ Климент, чие име беше Никола Трајков е од Битола. На 23 јули 1958 г. на Вториот македонски црковно – народен собор за обновување на старата македонска охридска архиепископија, за истата да го носи името Македонска православна црква, кога беше избран Доситеј за поглавар, Никола Трајков беше избран за епископ Климент.
Тој е роден на 3 август 1912 г. во битолско патриотско побожно семејство. Владиката Климент пред тоа беше професор во битолската гимназија, денес ,,Јосип Броз Тито”, а откако ги заврши студиите, 10 г. работеше како службеник во Општината и Судот, а беше и референт во Историскиот архив во Битола.
Тој беше многу почитуван и сакан од битолчани кои нагалено го викаа Бабаче. Почина на 2 јануари 1979 г., а погребан е во црквата ,,Св. Богородица” во Битола.
Неговото дело, живот, блискост со граѓаните никогаш не се заборавени. Тој имал енциклопедиска меморија и речиси го знаел родословието на голем број битолски фамилии. Посебно помнел датуми и имиња, бил педагог и еден од омилените професори во гимназијата.