Традицијата во Битола последните сто години во зависност од политичките случувања како што и сами гледате комплетно е обезвреднета и занемарена. Наша задача е таа да биде негувана и прва прилика да се возобнови и врати како што беше некогаш, доколку истото тоа би носело бенефит за сите нас. Неколку големи битолчани меѓу кои и големиот Такец се погрижија да имаме комплетна слика за тоа што некогаш се случувало. Така во неговата книга “Перформансите на Широк Сокак” ни раскажува дека низ годините за време на прочка Битола не можела да се пофали со некои оригинални маски:
-” За време на отоманското владение единствените маски беа во театарските претстави на поголеми собири во чаршијата и на други места погодни за тоа. Се појавуваа обично паљачовци кои ги засмејуваа луѓето. Ако говориме за преправање на луѓето во некои денови, како манифестација на одреден ритуал, најрепрезентативен ден е покладната недела. Но и тогаш во минатото, битолчани си дозволуваа да бидат костимирани, а не маскирани. Единствената фотографија како костимиран репрезент на конзулите потекнува од ателјето на браќата Манаки. Имено, битолскиот дипломатски кор на Поклади, во 1909 година, е снимен во костимирана облека, со која предничат дамите.
Битолчани меѓу двете светски војни, обично на Поклади, и тоа девојките и децата, ги вадеа од каселите своите традиционални селски носии и ќе процефилираа неколку пати по Широк Сокак. Подоцна, под влијание на филмовите, поединци се маскираа и, на општа радост, поздравени со штракала и конфети, ќе продефилираа напладне на Широк Сокак. Така, на пример, Џагоро неколку години по ред се појавуваше преправен како филмскиот артист Чарли Чаплин. Џагоро чевлите ќе ги навлечеше, левиот на деснa а, а десниот чевел на левата нога, и со специјално изработено бастунче ќе ги потсетеше битолчани дека нема друга конкуренција во градот.
Ние како деца на Поклади секоја вечер очекувавме со камион да ја прошетаат големата цапарска мечка, која иако препарирана, зашто ние не можевме да знаеме, ни влеваше морници во крвта. Но да не се види мечката, примрак, тоа ќе значеше дека вечерта не ќе можеш со сласт да му се нафрлиш на јајцето што нашите баби ни го даруваа како амкацка, а потоа следуваше вкусниот покладен мазник и само голтка црвено вино за „силна крв“. Во 1932 година, по дваесет години чекање, како карабина беше дограден Офицерскиот дом. Со ова можеше да биде организиран покладен бал наречен „Сина забава“, што значи дамите мораат да бидат облечени во сини фустани и сини чевли, додека мажите класично. На таа прва забава се појавија и маски, најчесто махараџи, потоа укротител на змии и слично. Секако, наградите беа резервирани за две личности: Благој Бошевски и Ило Рапе.
Тоа е cé што може да се каже за битолските маскари меѓу двете светски војни додавајќи притоа дека маскирањето за Нова година, односно преправањето во бабари како старо новогодишен ритуал кој датира од паганството, им беше препуштен на ромите.
Дури во 1965 те години поклоници на маската скромно започнаа со другарска средба во барот „Корзо“. Очигледно, битолчани апстинираа од преправање. Одредени шегобијци, на смеа, на шега, ќе речеа: „Ние сме секој ден со маски, па зошто да се преправаме“. Дури со осамостојувањето на Република Македонија, во 1994 година беше возобновен битолскиот карневал со дефиле и карневалска вечер. Оттогаш со поголем или помал успех, битолските карневалџии се претставуваа во Прилеп, Струмица, но и во Вевчани, трите престижни карневалски центри во државава. Интересно ќе е да ги споменеме најмладите битолчани, кои, за разлика од повозрасните, на секој први Април се преправаат со што им ја фрлаат ракавицата в лице на битолските маскарџии.
Прочка е ден на семејна сплотеност и изразено чувство кон ближниот, ден на подадена рака и покајување, ден на возвратена љубов, последен мрс пред Велигденските пости, ден на амкацка со јајце врзано на сукало, како симбол на плодноста…
Текст Д.Д.Такец “Перформансите на Широк Сокак”
фотографии “Илустровани лист” и “Перформансите на Широк Сокак”