Книгата „Приказните од Широк сокак” преставува сведоштво на еден период на живеење на улицата Широк сокак, прикажано точно во урбаната форма на нејзиното постоење: физичката структура на улицата – со одредените објекти, животот на улицата – преку луѓето кои таму живееле, лоцирање во определена временска позиција – периодот кој го опишува во книгата.

Авторот во книгата ја прикажува нераскинливата врска помеѓу тие три поврзани констелации, без чие единство не е можна егзистенцијата на улицата Широк сокак, со објектите, секој со своите специфични, архитектонско – стилски карактеристики и фамилиите кои во нив живееле, во одредената, временска рамка, создавајќи ја базична тема, за концептот на книгата.

Во приказната која е опишана и дополнета со фотографии, секој објект на улицата ја има својата душа, со луѓето кои живеат, односно фамилијата во својот дом, или простор, за живеење или работа. Така и куќите, објектите како физичка структура – материјал, си добивале и име, по фамилиите на сопствениците, како куќи препознатливи во градот, по луѓето кои живееле, создавале и работеле во нив.

Авторот хронолошки го следи секој објект заедно со фамилијата, од аспект на базичните елементи кои создаваат урбаниот мозаик на улицата Широк сокак, прикажувајќи го и моментот, кога објектите ја изгубиле својата душа, односно фамилиите, луѓето кои исконски биле поврзани со нив.

Во тој период, можеби „пост револуцинерен“, времето кога се спроведува национализација, со засилената миграција и задоволување на потребите на дел од ново доселеното рурално население, постоеше реална опасност на скоро, целосно уништување на улицата Широк сокак и нејзино фрагментарно егзистирање. Ниското ниво на социјална култура и отсуството на етички и морални принципи, предизвика уништување на урбаниот амбиент и на дел од културно историското наследство во градот. Улицата Широк сокак во поголемиот дел успеа да преживее, но голем број на објекти ги изгубија своите вистински сопственици.

Авторот, како вљубеник во улицата на неговиот живот, низ индивидуална интерпретација ги осликува преостанатите објекти на Широк сокак, низ историјатот на фамилиите кои таму живееле, воедно вдахновувајќи им живот на градбите и врежувајќи ги во меморијата на читателот, имињата на одредени луѓе и настани, кои биле препознавани во градскиот живот на Битола.

Преку својата сензибилна хроника, книгата наметнува квалитативна промена при перцепирањето на вредностите на културно наследство и очекување од читателите како општествен сегмент да се согледаат традиционалните вредности, кои се основа и за современото, урбано живеење.
Книгата содржи едукативна функција и посочува дека индиректно и постепено, со променлив интензитет, граѓаните на Битола сепак ги согледуваат вредностите на историските објекти, а имињата на сопствениците, на некои фамилии се сеуште сочувани и препознатливи, како поим дури и за помладите генерации.

Авторот со описот на објектите и историјатот на фамилиите ја дефинира улицата Широк сокак, како елементарен дел од денешното историско јадро на градот, преку приказот на постојните вредности и досегашниот развој, кој хронолошки претрпил чести промени. Остатоците од материјалната и духовната култура што како наследство е сочувано во сегашноста, е културно богатство на градот кое недвосмислено зборува за општествените карактеристики на населението и преставува мемориски белег на централното подрачје, низ временските периоди.

Сочуваната улица преставува движечки елемент и иден творечки потенцијал на градот, како историска зона низ која најлесно можеме да ги согледаме наследените сеќавања, проткаени низ хронолошките описи на авторот. Со својата книга кон читателот, авторот воспоставува преодна врска меѓу напластените собитија што се одвивале во одредената, временска рамка на специфичен простор и дава природна корелација во почитувањето на интегритетот на објектите, потенцирајќи ја вредноста на споменичкото наследство и сеќавањето на граѓаните.

Заклучно, со својата книга „Приказните од Широк сокак”, авторот Зоран Ѓоргиев, намерно или случајно, поставува активна насока на заштитнички однос кон градителското наследство, со недвосмислена порака за зачувување на дел од урбаната слика на Битола, како препознатлив лик, кој со својата историја и традицијата на градско живеење како богатство, мора да биде сочуван и да остане активно препознаен за идните генерации, со сите свои уметнички карактеристики и вредности.

Зоран Алтипармаков

Дипл.инж.архитект, советник конзерватор, Оддел за заштита на културно наследство, НУ Завод за заштита на спомениците на културата и музеј – Битола
„Приказните од Широк сокак” во Портал 2 на Широк сокак, BOOK HOUSE на ул.св. Кирил и Методиј до Бар Општина.