Денес на овај ден 26 Јули 1963 година во Скопје се случи катастрофален земјотрес. По тој повод од нас ќе упатиме големо сочуство за сите жртви и настрадани меѓу кои имаше и многу битолчани. Бидејќи имаме дадено завет дека ќе пишуваме само за Битола и битолчани, овај ден ќе направиме едно потсетување и паралела со еден “земјотрес” кој ни се случи нас, секако во помали размери, но и ден денес сеуште го чуствуваме. Оваа фотографија е направена ден после земјотресот во Скопје 1963-та, кога гламурозниот лустер во тогашниот Офицерскиот дом во Скопје, остана да виси, додека повеќето ѕидови на тој грандиозен објект беа срушени.
Офицерскиот дом во Битола цели 43 години беше дом на прекрасниот кристален лустер кој е подарен од Скопјани за Битола и беше единствен сочуван украс на веќе руинираната зграда на Офицерски.
На почетокот на 2016 година, беше направен обид Офицерскиот дом да се продаде. Таа одлука ја крена Битола на нозе, па по протестите беше стопирана продажбата. Објектот и се отстапи на Општина Битола.
Приказната за кристалниот лустер
Офицерскиот дом од Битола го наследи од домот во Скопје во 1973 година, десет години по земјотресот. Седумдесет и две годишниот Будимир Костојчиновски, поранешен електроинсталатер во АРМ е битолчанецот, кој со своите две вредни раце пред цели 37 години го направи украсниот и луксузен лустер во Офицерскиот дом.
Трогнат од она што се случува со еден од најубавите споменици на културата на Балканот, Костојчиновски, кого битолчани го именуваат само како Будо, ја раскажува приказната за лустерот: „Домот беше фантазија. Нема друг збор за таа убавина. Се сеќавам како да беше сега, пролет, мај. Со војнички сандаци од скопскиот отпад во Битола стасаа еден куп монистра, кристали, фигури од стакленца. Тогашниот началник на домот на АРМ, Ристо Дамјановски, ме повика, кажа дека има делови од двата лустера од урнатиот Офицерски дом во Скопје и побара да направам нешто.
Зададената задача не беше лесна.
Зедов напомош неколку војничиња од гарнизонот и повеќе од еден месец, секое попладне, откако ќе завршев со работните обврски, работев на лустерот. Направивме нешто прекрасно. Никого не оставивме рамнодушен иако лустерот не беше сосема ист како оној во Скопје“, раскажува мајстор Будо.
Секој кристал, стакленце и монистра Будо грижливо ги запишувал во тетратка. За еден ден да се знае колку е неговата тежина, колку делови се споиле, колку светилки засветиле. За жал, и од тоа останало само разочарување.
„Сите белешки што грижливо ги нотирав исчезнаа исто како и неискористените делови од двата скопски лустера. Направив и свеќници од истите кристали и стакленца за да ги красат салите и ходниците во домот. Ама и нив ги снема. Од раскошот и од убавината останаа само спомените. Од сето тоа се сеќавам дека само лустерот тежеше некаде околу 700 килограми“, се потсетува Будо.
Делови од лустерот сеуште се наоѓаат во депото на Музеј Битола. Чекаат подобри времиња. А ние се тука да го споменеме, за да него заборавиме. Во контакт со фирма од Македонија која изработува кристални лустери ја дознавме и отприлика цената за неговата реставрација која изнесува од 10.000-15.000€. Дај боже еден ден можеби ќе нѐ биди и наместо да поправаме и крпиме старо, внимателно ќе си го чуваме и ќе градиме ново …