Во спомен на битолските евреи-Никогаш да не се повтори!

После Солун, нашата Битолa или Монастир беше најголемиот еврејски центар на Балканот, град каде што тие живееја околу пет века, го сакаа, го градеа и допринесуваа за неговиот развој, слава и убавина… бидејќи таа ги спаси од инквизицијата, ги вдоми и му поддаде рака за нивен просперитет. Нивните фамилии сега се насекаде низ светот и се познати под името “монастирлис”. Историјата наведува дека нивниот број во Битола , на почетокот во ХХ бил околу до 11.000 кога во Битола живееја 60.000. Нивнот број драстично се намалува со балканските војни. Дел од нив останаа со своите сограѓани да делат и добро и лошо сѐ до кобниот 11 Март 1943 г. Затоа Битола има посебно место за нив, а тука се и сеќавањата за нив, кои во неколку продолженија ќе следуваат за сите вас…

Како Моис ја избегна смртта

Ретки беа оние кои се спасија од големото протерување на евејското население. Меѓу нив е Моис Сариевски, единствениот Евреин кој сега живее во Битола.

Моис живее во една еврејска куќа во Битола, заедно со сопругата Вера Сариевска, по потекло од Буково. Старата еврејска куќа ја отплати
пред две години. Ја реновира и ја направи скромна, пристојна за живеење. Моис Сариевски беше пријатно изненаден кога го посетивме, зашто досега никој не се сетил за него.

Моис со неговата фамилија

Јас сум Моис Сариевски, а по дедо ми презимето ми беше Беакар. Тешка и мачна е мојата животна судбина. Роден сум во Битола 1933 година, во чесно еврејско семејство. Живеев кај дело ми Шаби Беакар, а мојата мајка Арнеста почина пред три-четири месеци, -започнува да раскажува Моис…
Замислен, чиниш пред себе ги гледа сцените од мартовските денови на 1943 г. Како мало дете живеел во еврејскиот “чифлик” во Битола. Така се викаше местото каде беа сконцентрирани еврејските семејства. Кога неговите стари бабата Стамо и дедото Беакар починаа за време на војната, Моис останал со мајка си Атиеста. Живееше во Ингилиски Ан, спиеше под една маса завиткан со старо, излитено ќебе. Тоа беше неговиот дом. Мајка му се премажила за Турчинот Садо, а овој не го сакал малиот Моис. И мајка му била служителка во во Ингилиски ан, сопственост на газда Ѓорги.

– Јас спиев под масата и еднаш многу рано, некаде помеѓу 2 и 3 часот по полноќ: ме разбуди газдата Горѓи. Стани Моис, ги собираат Евреите. Бегај! – ми рече. Веднаш скокнав.

Моис го напуштил анот на газдата Ѓорѓи. Каде да оди? Кај мајка му – не смее, сам, незаштитен, пред големата опасност за сите негови сонародници. Поминал покрај еврејскиот чифлик. Ги видел луѓето како се подготвуваат “за патување” во Палестина, како што ги лажеле. Пред портите имало силно полициско заштитување. По улиците се движеле само агенти. Малите Еврејчиња што го познавале Моис, му извикале:

– Ти си Ѓупче, ти си Турче. Моис ние ќе бегаме за Палестина!

Малиот Моис Беакар Сариевски го продолжил патот. Отишол до
Арапка Чешма. Таму го сретнал еден бугарски војник, кој го запрел:

– Каде одиш, мамка ти мрсна!? – извикал војникот. – Како се
викаш?

– Моис, – рекол малиот Евреин. И што можело друго да рече едно
дете кое не знаело да лаже, да сокрива.

– Ах, мајкати мрсна, ти си значи, Евреин!…

Војникот сакал да го одведе во некој еврејски дом (куќа) и да го
одведат. Меѓутоа за среќа на малиот Моис, тогаш излегле некои соседи и викнале:

– Тоа е Турче, рекле едни. Тоа е рисјанче, рекле други. Така
војникот го избркал. Моис отишол кај мајка си и очувот Садо, на ул.Струшка бр. 11… Таму дошле 3-4 бугарски германски агенти и го побарале очувот Садо.

– “Ајде да се спрема твојата сопруга и вие, ќе појдете во Палестина”- им рекле агентите.

Садо, Арнеста, Моис и двете негови сестрички (родени во бракот на Арнеста со Садо) ги одведоа во Богословијата (тогаш истражен затвор и седиште на бугарската моторизирана полиција ). Веднаш започнале таму да ги подготвуваат документите за Арнеста за Палестина.
Арнеста била сместена во еднаа Садо со децата во друга просторија. Кога се дознало дека ќе ги носат во Палестина, една чистачка, по име Славка и еден чувар им рекле на бугарските агенти:

– Абре, тие не се Евреи, тне се Турци!

Кога видел Садо дека се наближува опасноста и дека ќе ја одведат неговата сопруга Арнеста, им рекол на агентите:

– Ќе ги заколам трите дечиња, ќе се убијам и јас, ама не ви ја давам жена ми. Таа е Турчинка, како јас.

– Абре, мамката мрсна ваша, вие сте Турци. Надвор!

Извикал еден агент и ги избркал сите. Но наместо надвор, кутрата
Арнеста влегла во канцеларијата на началникот. Тогаш и удриле добар ќотек и така се вратиле дома. А само по половина час требало да ја одведат на железничката станица, каде што сите битолски Евреи беа сместени во добиточни вагони, подготвени за долгиот и последен пат. За патот што ги одведе во стравотната смрт во концентрационите логори во Полска.

Маките за малиот Моис со тоа не свршија. Тој и натаму не можел
да излегува на улица, зашто децата му довикувале:

– Јуда, Еврејче!

А тоа ја носеше големата опасност. Затоа Моис го избра патот на момокување. Се главил момок најнапред во Долно Оризари кај Диме Коњарски, потоа во Могила кај Цветан Чагорски, сетне во Кравари кај Живко Србинот и најпосле во Острец.

Ужасно беше кога не собраа, кога јас ја носев жолтата шестокрака ѕвезда на реверот – вели Моис Сариевски. – Но не беше полесно и подоцна, кога ми беше страв да излезам на улица да поиграм со врсниците, да се повеселам со нив. Се затворив во себе и тоа ми причинува тешкотии и сега. Нервно се разболев како последица од тие мои ужасни доживувања за време на окупацијата.

– Никогаш не сум барал и не сум очекувал многу од животот.
Можеби затоа и сум задоволен со она што го постигнав, барем да не страдам. Барем добро живеат моите три деца – синот Гоце ќерките Маре и Снежана. Снежана живее во Австралија, омажена е. Имам и три внучиња, – вели и се насмевнува нашиот сограѓанин Евреинот Монс Сариевски. И во неговата измачена душа имало место за радост. Таа радост ја носат внучињата на сега дедото, Моис Сариевски.

Раскажува Моис и за почетоците на изучувањето на еврејското
писмо и јазик. Тој добро зборуваш еврејски јазик, но нема со кого да зборува и јазикот го подзаборавил. Не испрати задоволен што се сетивме да напишеме макар и со повод: на денешен ден, на 11 март 1943 година, битолчани молкум и за секогаш ги испратија своите сограѓани – Еврен кои беа одведени во логорите на смртта.
Скромниот и повлечен во себе Моис Сариевски како да живее повеќе од спомените со минатото. А тоа е мошне тешко.

Доне Пановски, Како Моис ја избегна смртта, Битолски весник од 11 Март 1992 г.

Врати порака

Please enter your comment!
Please enter your name here