Едно од неколкуте имиња на нашиот град што ги добил во текот на долговековното постоење е Манастир, односно Монастир. Турците и денес го именуваат како Манастир, додека, пак, на грчките географски карти е Монастир.

Кога го доби и зошто го доби ова име?

Макар што има тврдење дека градот Битола со името Манастир можеме да го сретнеме и пред османското освојување, затврдено, такаречи и општо е уверувањето дека токму Турците се оние кои го преименуваат градот. Бидејќи, пак, османското освојување на градот се случи во далечната 1382/83 год. значи дека и новото име потекнува од крајот на XIV век. Сепак, и какви да се тврдењата, новото име во пишаните документи се јавува дури од 1435 год. и тоа во едно вакафнаме напишано на арапски јазик и со арапско писмо. Таму го среќаваме во формата „мадинати Манашдир“ (градот Манастир)?
Ова преименување од страна на Османлиите, инаку, не била посебна појава, зашто тоа се правело со повеќето населени места каде што османското население се стационирало за траен престој. Во зависност со диктатите на турскиот јазик многу населени места одеднаш добиваат прилагодена форма, па така,
наместо Струмица, среќаваме турски назив Уструмга, наместо Охрид – Охри, наместо Скопје – Ускуп, наместо Штип – Иштип,
наместо Прилеп – Пирлепе итн. Меѓутоа, некои македонски градови добија сосема нови имиња. Тетово е наречено Калканделен, Велес К“ пр“ли, а Битола-Манастир. Ако мостот на Вардар влијаел врз формирањето на второто, турското име на градот Велес, тогаш што влијаело, каков објект врз формирањето на второто име на Битола?

Одговор на тоа прашање во документацијата немаме, одговорот, меѓутоа, сепак постои – во народните преданија. Има десетина народни преданија што се занимаваат со проблемот на второто име. За жал и тие не се единствени, дури и си противречат понекогаш. За едни името е добиено според манастир што се наоѓал во непосредна близина на градот, за втори заради црквите во самиот град, а за трети името е добиено по некој доминантен и велелепен манастир во градот. Да ги разгледаме поединечно. Во 1845 год. Македонија и Битола ги посетил рускиот славист Виктор Иванович Григорович, доцент на Казанскиот универзитет. Оставил значајни податоци за Битола и Македонија. Го забележал и преданието за името. Запишал: „Близу до Битола некогаш се наоѓале голем број манастири. По нив градот го носи називот (Битољ потекнува од обител)“. Јохан Хан (1858) за името Манастир, пак вели: „Манастирот, кому овој град му благодари на своето име, е стариот манастир од Буково, којшто се наоѓа еден час јужно од градот, на западниот раб од базенот. На неговиот празник населението од базенот и од неговото соседство доаѓа во него итн.

Наспроти нив, една поголема група преданија говорат за постоење бројни цркви и манастири во самиот град и благодарејќи на нив, тврдат тие, градот го добил новото име. Јордан Хаџи Константинов Џинот во 1855 год. испратил дописка до „Цариградски весник“и во неа го забележал и ова: „Окрест Манастир имало 365 церви, за това го назвале Манастир или Буково, а в старо време го звале Пелагон. Денеска суштествуе само един манастир“. И Мехмед Тевфик, првиот историчар на Битола, инаку мајор и директор на Военото училиште каде што некогаш се школувал Ататурк, го потврдува исто, напоменувајќи дека само на десниот брег на реката Драгор имало дури 41 црква, додека од левиот- 29 и дека за секоја од нив работела по една воденица, обезбедувајќи им ја егзистенцијата. Според нив, продолжува тој, градот го добил името Манастир.

К. Шапкарев, пак, името го објаснува вака: „Турците градот го наречуваат Манастир, соодветно на бугарскиот назив: Битолја -обител. Велат дека на неговата денешна местоположба во старо време имало манастири, од кои си го добил и денешното име, а тогаш градот бил понаисток, расположен на неколку могили до Буковската планина, кои се гледаат и денес и дека носел друго име.

М. Цепенков, пак, тврди дека во Битола имало 72 цркви и дека заради нив била наречена „Света Гора македонска“. Сите, продолжува тој, имале трагична судбина, при доаѓањето на Османлиите биле преобразени во џамии. Не заради цркви и манастири, ами заради еден и единствен, голем и значаен, кој бил лоциран во самиот град, според најголемиот број преданија, градот го добил името Манастир.

Најстаро предание кое го истакнува тоа е она на Евлија
Челебија. Во 60-тите години од XVII век овој познат и многу ценет патописец четири пати го посетил градот, оставајќи, притоа, многу значајни податоци. Ги наброил и ги опишал позначајните институции и објекти, проговорил и за битолчани, за нивната етнопсихологија и обичаи. Го забележал и преданието што го чул од месните жители за името и тврди: „Овде, велат, во времето на Александар Македонски бил еден голем храм и заради тоа самото место е наречено Манастир“.
Турците секогаш кога сакале да му дадат вредност на архаичност и посебно значење на нештата постојано ги поврзувале со Александар Македонски, особено, пак, ако тие потекнувале од татковината на големиот војсководец, Македонија. Така е
направено и со Битолскиот манастир во овој случај. За ваков манастир говорат и многумина други, меѓу другите и Едмунд Спенсер (1830), Петар Безсонов (1850), Мехмед Тевфик, М. Цепенков и др. Спенсер во својот итeнepap, забележал: „Во периодот на турските наезди Битола беше просперитетен град, познат по
огромниот број цркви и по најголемиот манастир во Македонија. Овие зданија беа наполно уништени од страна на разбеснетите Турци, како одмазда за долготрајната одбрана од страна на населението, кое, под водството на своите свештеници, ги беше адаптирало манастирите и црквите во тврдини. Загубата на прекрасната библиотека од ракописи, напишани од најстарите високодостојници на христијанската црква, на што манастирот беше со право толку многу горд, е потребно многу да се истражува; сепак со оглед на тоа што освојувачот Мехмед II беше голем заштитник на литературата, според мислење на многумина, тој наредил да бидат однесени во Константинопол, каде што се уште се чуваат меѓу архивите на турската империја.”

На Русинот Петар Безсонов му е познато не само што во Битола имало голем и прочуен манастир, ами тој го знае и неговото име. Според него истиот му бил посветен на заштитникот на Битола, на Св. Никола. Од тој манастир, продолжува тој, излегувале огромен број гуслари, заради кои Битола на Балканот била позната како „класичен крај“ на народните пејачи.”

Спомнатиот мајор Мехмед Тевфик, поаѓајќи од едно друго, слично предание, ни го пренесува ова: „Според едно друго предание, вели тој, ова име (Манастир) го доби по една голема црква која се наоѓала над Битола, кај сегашниот мост наречен Кара Кјупрли (Црн Мост) од десната страна негова, на местото каде сега се подигнати конаците на големиот Риза-бег и во која можело за време празник да се соберат сите жители од селата на Битолското Поле“.
Покрај бројни цркви, за огромен манастир во самата Битола, говори и преданието што го забележал М. Цепенков. Во него стои: „Откоа беше го презеле калето Турците, беа го расипале ерлен берабер; како калето, така и црквите и целио град го изурнале откоа го плениле и си го усвојале. Сега им останало уште еден манастир да го превземат; тој манастир бил сегашната Џамија што ет во Битола кај Овчи пазар. Таа џамија била манастир со храмо свети Ѓорѓија. Во тој манастир имало четиристотини калуѓери. Тој бил со голем и дебел ѕид заграден, цело
кале било. Освен ѕидот што бил јак, имало и една честа гора,
од дрвја пораснати, едно од друго како “рж во некоја нива што
е порасната, толку честа била гората, што чоек не можел колај-
колај да го најди каде е манастирот. Пред манастирот течел али Драгор, али реката што иди од с. Магарево кај Кривата Воденица. За да влегуат чоек во манастирот, имало само еден пат тесен помеѓу коријата што била околу манастирот. Откако останал тој манастир уште да се земат од Турците, сопрво не го знаел каде е манастирот, чунки опколисан бил од дрвјата: Така, без оглед како го објаснуваат преданијата настанувањето на името Манастир, дали се повикуваат на цркви и манастири надвор или внатре во градот, сите, до едно се согласуваат дека основата треба да се бара во постоењето христијанска богомола. Некои, притоа, очекувано, пројавиле историско непаметење и во нив има слободна интерпретација на добиениот материјал. Битно е, меѓутоа, што најстарото, она што потекнува два века и нешто по османското освојување на градот, преданието на Евлија Челебија, изрично тврди дека генезата на настанувањето на името треба да се бара во манастир, голем и
прочуен во градот. Ваквите преданија, впрочем, се и најбројни,
и, се чини, и најблиску до вистината. Па ако така се определиме и ја прифатиме тезата за еден манастир и тоа манастир што се наоѓал не надвор, ами внатре во Битола, сосема очекувано е да се постави прашањето: каде се наоѓал и од кој период потекнувал?

Преданијата посочуваат две локации: една кај Црн Мост
и другата кај поранешниот Овчји, односно Дрвен Пазар (под училиштето „Тодор Ангелевски“).
Минатата година на оваа јавна трибина претпоставував дека основното јадро, зародишот на градот Битола би требало
да се бара кај месноста Крива Воденица. Ако бевме во право,
тогаш преданието на Мехмед Тевфик, кое вели дека манастирот
се наоѓал од десната страна на Црн Мост, онаму каде што денес се наоѓа обележјето на жртвите на бугарскиот фашистички затвор и нешто пошироко, можеби е најверодостојно. И обете преданија се согласуваат дека манастирот се наоѓал во близина на вода, кое би требало да е изворен податок,
зашто познато е дека манастирите, по правило, се граделе и се градат покрај течна или изворна вода и бујата шума. Сега, од кој период потекнувал тој?
Секако, на тоа прашање е многу тешко да се одговори потпирајќи се исклучиво врз преданијата. На арапскиот патеписец Идриси од ХІІ век, кој ја посетил Битола не му го привлекло вниманието никакво грамадно и велелепно здание-манастир. За Битола употребил кратка формула опишувајќи го дека „е убав, великолепен и пријатен град“.

Значи ли дека во XII век не постоел?!

Од друга страна, Битола се наоѓала во непосредна близина на Охрид, центарот на словенската писменост, и веројатно преданието на Спенсер има историски сеќавања во тој однос за Битола како втор центар. Ако е така, тогаш било нормално да се очекува и суштествување на скрипторска школа и манастир каде што таа била организирана. Тоа значи дека настанувањето
на манастирот би требало да е од поранешен датум. И на крајот, дали огромната црква „Собир на сите светители“ што треба доправа да се гради, а која по димензиите и
велелепноста треба да ги надмине сите досегашни слични градби во Македонија не извира ли од колективната битолска потсвест за манастирот што се вгнездил во второто име на градот?!

Александар Стерјовски Битола низ вековите 2