“По повеќе од половина век, годинава не заѕвонив со ѕвонците. Се откажав, зашто мислам дека со големиот број Дедомразовци како да се задуши магијата. Денес секој се облекува така, па и тие што продаваат балони и картички. Кај детето психолошки се уништува приказната за Дедо Мраз. Тие само една капа ќе стават, некој мустак и толку. Јас ако треба негде да одам, си имам свои методи на средување. Дури убаво не се нашминкам, дури не се дотерам – не излегувам. Затоа велат, е ова е Дедо Мраз – вели Бабецот.
Костимот стар 50 години, ѕвонците, брадата, возилото и другите реквизити ќе им ги остави на внуците, можеби некој ден тие ќе ја продолжат неговата традиција. Дедо Мраз, му велиме, е тој што ги исполнува желбите на децата. А дали Вие имате некоја неисполнета желба?
– Последната желба на овој Дедо Мраз е Битола да добие детски театар. Децата треба да се насочуваат кон убави работи, тие се учат од мали нозе да одат на театар, а не на големство – вели Бабецот.”
Последното интервју на Петар Стојковски Бабецот за весникот Дневник 2009 г.
Во негова чест Битола денес го има Театар Бабец. Неговиот внук Васко продолжува со исполнување на неговата желба. Сега функционира детски театар, исполнет со страст и љубов кон децата и театарот и успешно ги следи стапките на неговиот дедо…