По отворањето на денешната изложба на фотографии од Браќата Манаки насловена Mementos/ Спомени, организирана од Државниот Архив Одделение Битола по повод 42-то издание на ИФФК Браќа Манаки, директорот на битолскиот Архив Гоце Стојановски најави дека ќе покрене иницијатива за отворање на спомен соба посветена за овие големи битолски великани кои се пионери на Балканската кинематографија.

Имено неколку дена пред смртта почитуваниот Милтон Манаки во неговото последно интервју за Радио Битола, забележано во Хроника на Пелагонија, ја пренесе неговата последна желба: ГРАДОТ БИТОЛА ДА ИМА СПОМЕН СОБА СО ТВОРЕШТВОТО НА БРАЌА МАНАКИ .

Натписот од „Хроника на Пелагонија“ изворно Ви го пренесуваме тука:

Неколку дена пред смртта, пионерот на југословенската кинематографија и првиот снимател на балканот, на последното интервју во нашата радио станица изјави: “По смртта, сакам во овој град, каде што творев и создавав да ми се отвори спомен збирка”. Неколку дена подоцна, односно на 5 март 1964 година, Милтон Манаки почина. Работајки со најголема љубов со својата камера 360 ги регистрираше сите покрупни настани во Битола и зад себе остави околу 10 илјади фото и филмски документи.
Желбата на покојниот Милтон Манаки се реши да се исполни. Во 1965 година, неговите трудови беа дадени на историскиот архив со цел да се средат и да се создаде спомен збирка. Меѓутоа, тоа не се стори и покрај тоа што во истата година беа одделени 9 милиони стари динари со што беа откупени сите документи на големиот филмски работник.

Неговите наследници на 5 март оваа година, требаше да се отвори таа спомен збирка, но Исторскиот архив не успеа навреме да ги среди сите документи зашто истите се многубројни, сепак оваа збирка ќе биде отворена во наредниов период.
Колку оваа збирка ке биде важна за нашиот град и не треба да се потенцира. Милтон Манаки , неговата долгогодишна работа и неговите филмови го привлекле вниманието поголем број филмски работници не само во нашата земја туку и надвор од неа, Доволно е да се спомене само тоа дека околу делата на Милтон Манаки работел францускиот филмски работник ЖОРЖ САДУ, а подоцна неговиот наследник својата докторска филмска дисертација ја бранеше со делата на Манаки. Според тоа може да се рече дека спомен збирката делата на Манаки за нашиот град ќе преставува неизмерно богатство и токму затоа ке треба да се побрза со исполнувањето на последната желба на големиот филмски работник Милтон Манаки. Д.

Хроника на Пелагонија 1967 г.
Фонд на Радио Битола, Државен Архив Одделение Битола.