Пионерскиот дом “Трајче Магловски“ бил културно- образовен центар кој бил формиран во повоените години. Градот Битола го формирал пионерскиот дом со цел да ги образува, воспитува, социјализира и воздигнува креативните способности на децата во нивото слободно време.
Него го посетувале многу ученици/пионери кои членувале во разни образовни секции, музички групи и спортски тимови. Најдобрите членови се испраќале на разни натпревари на републичко и сојузно ниво, а тие често се враќале со високи пласмани. Тука се учеле првите ноти, англиски зборови, сообраќајни знаци, спортски игри и се откривала магијата на црно-белата фотографија.
Првиот пионерски дом бил сместен позади стариот театар, во близина на ОУ. “Гоце Делчев“. Зградата на стариот пионерски дом (одземен и национализиран имот на фам. Бојаџиевски) била изрушена кон крајот на 70 години од минатиот век.
Секциите и забавните активности за учениците се преместија во новиот пионерски центар на ул. Рузвелтова, кој сега е објект во сопственост на Еврејската заедница во Скопје.
Во Битола со денационализацијата на Еврејската заедница требаше да им бидат вратени околу 170 објекти, од кои сега повеќето се наоѓаат под надлежност на ЈП за стопанисување со станбен и деловен простор.
Овие објекти некогаш беа во сопственост на битолските Евреи кои со депортацијата беа испратени и погубени во злогласниот фашистички логор “Треблинка”, вклучувајќи го и објектот некогашниот Пионерски Дом, кој неколку години беше запоставен и руиниран за во 2005 Еврејската заедница од Скопје започна со негово реновирање и адаптирање. Во тек беа повеќе градежни операции преку кои објектот целосно се заштити. Тогаш од еврејската заедница посочија дека објектот треба да служи за културни цели, преку кои тој ќе стане собиралиште на дејци, чие творештво ќе ги трасираат патиштата кон посреќна иднина, но до ден денес ништо не е започнато.
Трајче Магловски бил партизански курир и учесник во НОБ по потекло од с. Смилево. Бил ученик во битолската Гимназија. Во една негова мисија тој бил пресретнат од Перо Пачата, македонец соработник на бугарската фашистичка војска во с. Лавци и застрелан.