Манастирот на Рожденство на Пресвета Богородица во с.Новаци е еден од поновите манастири во овај крај. Според кажувањата на постарите новачани, на сегашната територија на Новаци многу години на назад се простирала огромна бара, при што тој дел не бил воопшто населен. Со работнички акции во 50 и 60-тите години се уреди коритото на река Црна и со повлекувањето на водата од барата тука се појавила плодна почва при што голем број луѓе почнале да се доселуваат во овој дел.
Името Новаци доаѓа од првиот жител на оваа територија Новак, кој со својата фамилија се доселил на тие простори.
Во поновите години пред градењето на манастирот во тој дел од Црна, рибар ловејќи риба во водата на реката пронашол икона од Богородица, баш на тоа место, настан кој го дознава целото население и одлучуваат со помош на општинските власти заедно да изградат манастир.
Од страна на ЗИК Пелагонија им е подарена најблиската парцела и точно на тоа место сега се наоѓа манастирот, заедно со делот од реката каде е пронајдена иконата кој сега е уреден и осветлен. Дека има нешто повеќе од Божјо на ова свето место е фактот дека за време на неодамнешните поплави во 2016 г. и покрај големата вода самата внатрешност на манастирот не била поплавена ниту пак биле направени некакви оштетувања.
Инаку Манастирот Рождество на Пресвета Богородица е изграден во 2006 г. и се наоѓа на еден километар во близина на с.Новаци, лево од брегот на Црна Река. Храмот на манастирот е трокорабен и претставува монументална христијанска градба со 8 кубиња покриени со бакарни плочи, измалтарен со бел малтер. Општина Новаци редовно се грижи за одржувањето на манастирот која е една од најубавите градби во Пелагонија.
Рождество на Пресвета Богородица е еден од големите празници на Светата православна црква. Иако овој празник се смета за почеток на сите празници, сепак, тој почнал да се празнува многу подоцна. Дури откако ослабнало паганството, христијаните, покрај на Исус Христос, можеле да ѝ оддадат заслужено признание и на неговата мајка.
Народот верува дека Пресвета Богородица е заштитничка на мајките воопшто и на леунките посебно, поради што жените што раѓаат ја повикуваат да им помогне полесно да се породат. Исто така, се верува дека таа им помага и на жените што немаат деца. Затоа ваквите жени оделе во црквите посветени на Богородица и се молеле пред нејзините икони. Црквата го востановила овој празник поради посебното значење што го има пресвета Богородица, па во врска со тоа и нејзиното раѓање во Божјата економија на спасението.
Манастирот на Рожденство на Пресвета Богородица во с.Новаци ги остава восхитени сите негови посетители со неговата големина, убавина, мир и зеленило. Многу битолчани кои за прв пат го посетуваат се изненадени од неговата пространост и убавина, затоа и вие кои го читате овој текст доколку го немате посетено овај ден е неговата слава: раѓањето на мајка Богородица.