Во саботата на 30 ти октомври, Плачковица беше домаќин на првиот натпревар во спортско качување за млади во дисциплината „водство“ на новата вештачка капра кај планинарскиот дом Вртешка.

Натпреварот беше од државен карактер – редовен натпревар од националната лига при Македонската Спортско Качувачка Федерација (МСКФ), во организација на Спортско качувачки клуб „Астибо“ Штип.

На овој натпревар зедоа учество и најмладите членови на СКК „Вертикал“ Битола, а Коприна Деловска која има само 5 години освои трето место во категорија повисока од нејзината возраст – категорија „Ф“ 2014/2015 год. Организаторите се потрудија да организираат одличен натпревар што во иднина ќе ги мотивира педесетината млади пријавени натпреварувачи, да качуваат посветено и да целат кон големи меѓународни натпревари.

Организирање на ваков тип на натпревар за СКК Вертикал од Битола претставува голем предизвик и желба која ја посакуваат речиси 15 години и за која очекуваат од локалната власт на Битола да биде поддржана и реализирана.

Сегашната малечка сала во средното техничко училиште не ги задоволува условите за тренирање на повеќе деца, како и за организација на ваков тип на натпревар.

Затоа, во иднина се надеваат дека сите заинтересирани страни ќе помогнат во изградбата на соодветна затворена сала со ѕид и болдер за спортско качување.