Краткиот игран филм „Северен пол“ во режија на Марија Апчевска-Петровска, чиј кинематографер е Влатко Самоиловски, вчера ја имаше македонската премиера во рамките на официјалната селекција на кратки играни филмови на 42. ИФФК „Браќа Манаки“ во Битола, а денеска на средба со новинарите во разговор со селекторот Слаѓан Пенев, режисерката Апчевска, продуцентот Роберт Насков и актерката Антонија Белазелковска говореа за процесот на работа, учеството на фестивали, тремата во Битола…

-Јас сум битолчанка и израсната сум со овој фестивал, кога уште како многу малечка доаѓав на проекциите и тогаш не ги разбирав филмовите кои се прикажуваа на „Браќа Манаки“, но тоа беше големо доживување за мене кое продолжи и во средношколските денови кога испуштав часови во училиште за да гледам проекции. Мојата генерација порасна со овој фестивал, јас сум емотивно врзана за него и вчера имав малку трема, но се чувствував како дома, рече Апчевска.
Потоа таа се осврна на соработката со кинематограферот Влатко Самоиловски.

-Кога прв пат соработував со Влатко Самоиловски не очекував дека човек со портфолио како неговото може да снима студентски филм, но го снимивме, убаво соработувавме и потоа продолживме да работиме на останатите мои филмови и се надевам дека и понатаму ќе соработуваме. Уште во 2018 имав желба „Северен пол“ да биде сниман на филмска трака, но тоа беше сложено, бидејќи кај нас условите не дозволуваат таков тип на работа- немаме опрема и лабораторија…За среќа се се поклопи на крај и некако лесно се разборавме. Делиме заедничка естетика со Влатко, разговараме во детали како треба да изгледа филмот и кој ќе ни биде пристапот, а во однос на „Северен пол“ имавме доста време за да го направиме тоа. Во 2019 почнавме, требаше да биде сниман под снег, но немаше снег таа година, го одложивме и повторно чекавме снег, за на крај да го снимиме во ваква атмосфера и на сите им се допадна, рече Апчевска.
Продуцент на филмот е Роберт Насков, кој за снимањето рече дека не постои лесно снимање.
-Без оглед дали станува збор за краток или долгометражен филм секогаш постојат предизвици. Снимањето на филм е секогаш голема авантура особено кога снимате во Македонија, каде што не постојат елементарни услови за снимање, не постои логистика…меѓутоа тоа ни е работа и сите влеговме во филмот уверени дека создаваме прилично добро дело. Снимавме во услови на пандемија и тоа го отежнуваше снимањето, но ако добро се организирате никакви пречки нема да ви посметаат и ќе го остварите тоа што сте го замислиле. Снимањето на филмска лента е комплицирано продукциски, лимитирачки прилично за режисерот, и Марија свесно си наметна себеси во начинот на режирање, дисциплина која мора да ја постигне, бидејќи снима на филмска лента која ограничува. Беше тешко тоа да се изведе бидејќи неколку земји беа вклучени во самата продукција-опремата беше од Бугарија, филмската лента стигна од Прага, Будимпешта, постпродукцијата беше во Србија и во Македонија, лабораторијата повторно во Будимпешта. Беше комплицирано, но тоа ни е работа и нема да се жалиме. На крајот тоа што го добивме како награда за нашето залагање прави да ги заборавиме сите проблеми со кои се соочивме, рече Насков.

Кинематограферот Влатко Самоиловски не беше во можност да присуствува на фестивалот, но Насков рече дека тој му пристапил на филмот како да му е прв.
-Едноставно сигурноста што тој ни ја даваше за време на снимањето, неговата интуиција и искуство навистина многу помогна и мислам дека никој друг на овој начин не би можел да го сними филмот. Начинот на кој го третираше пристапот кон камерата, која не беше многу употреблива, бидејќи беше стара камера која не беше долго време користена, но тој не се жалеше, без оглед што немаше никаква контрола врз тоа што го снима, така што за него тоа претставуваше некакво враќање во минатото кога и самиот почнувал да снима. Како кадарот ќе го сними директорот на фотографија, режисерот верува и тоа останува на филмското платно, рече Насков.
За Апчевска довербата што ја имала во Влатко била клучна.
-Немавме можност да гледаме што се снима и мислам дека и за актерите тоа претставуваше дополнителен проблем, но клучно беше искуството на Влатко и начинот на кој пристапува, бидејќи имавме комплетна доверба дека тоа ќе биде во ред иако никој ништо не гледа-сите гледаме во една црна коцка и се надеваме дека ролната внатре снима се, објасни режисерката.
Селекторот Слаѓан Пенев посочи дека филмот беше во селекцијата на фестивалот во Кан, добро се претстави на сараевскиот фестивал…, а Апчевска откри дека наскоро филмот ќе има италијанска премиера, па потоа ќе биде прикажан во Грузија, Тирана…
Главните улоги во оваа „coming of age“ тинејџерска драма ги толкуваат Антонија Белазелкоска и Лука Митев.

-Снимањето на „Северен пол“ беше доста тешко, како и секоја улога. Со Марија имаме прекрасен однос, веќе сме пријателки бидејќи соработуваме уште од „Амби“ кога јас имав 12 години. Тешкотија беше и снимањето во време на пандемија и тоа што на се снимаше на трака. Мислам дека секоја улога е посебна и се трудам во секоја улога да сум посебна и своја, рече Антонија Белазелкоска.
За темата на филмот, Апчевска посочи дека прашањата за идентитетот, кои сме , каде треба да одиме итн се оние за кои сака да снима филмови, дека сака да остава отворени прашања и откако ќе заврши филмот и ја остава публиката со чувство на недореченост.
-Верувам дека филмот е дијалог меѓу публиката и авторите и би сакала да создавам такви дела кои продуцираат дијалог и се надевам дека „Северен пол“ успева во тоа. Во рецензиите кои ги добивме од Кан откривме дека особено ги пленила сцената на нападот на девојчето врз момчето, бидејќи сметам дека премногу се говори за жените како жртви, а всушност тоа не е она што доведува до рамноправност, до зајакнување на правото за еднаквост. Мислам дека е многу важно да се покаже дека и женскиот род исто така ги поминува сите тие бури како и машкиот и ги има тие предизвици и ќе доведе до еднаквост, рече Апчевска.
Душко Димитровски, филмски критичар од Сараево, кој со децении го посетува ИФФК „Браќа Манаки“ имаше пофални зборови за успехот на филмот кои ги сподели со присутните.
–Сакам да ви честитам на успесите кои ги имавте досега и мислам дека краткиот филм, не само во Македонија и во регионот е доста запоставен и го нема во кината, на телевизија. Со години ги следам фестивалите во Венеција и во Кан. Таму има десет илјади новинари и филмски критичари и морам да истакнам дека огромен успех е учеството во Кан. Ми се чини дека една мала кинематографија како што е македонската да биде застапена на еден толку голем фестивал е успех не само за вас, туку и за македонската кинематографија, па дури и за кинематографијата на целиот регион. Мислам дека тоа треба особено да се истакне. На овие простори од поранешна Југославија имаме некаква тимска традиција и таа треба да продолжи. Многумина не се свесни колку е голем успехот да се учествува на Канскиот фестивал, рече Димитровски.
Тој ја праша Апчевска како таа како млада актерка ја согледува состојбата во македонската кинематографија, има ли доволно места за младите автори?
-Во моментов нашата кинематографија е во подем и тоа не го велиме на празно за да се фалиме. Мислам дека успесите на нашите филмови го покажуваат тоа. Апсолутно верувам дека тоа отвора простор да се поддржуваат младите автори бидејќи со тоа покажуваме дека на нас младите автори ни треба простор. Воопшто не мислам дека треба само младите да создаваат филм, напротив за сите треба да има простор, бидејќи и ние еден ден нема да бидеме млади и тоа не значи дека треба да престанеме да работиме, рече Апчевска
Во моментов Апчевска развива сценарио за дебитантски игран филм со работен наслов „Пролетно чистење“.

-Сценариото со Роберт го претставивме во Кан. Од 50 проекти бевме селектирани меѓу шесте таму. Повторно ги обработува темите кои ме интересираат на идентитет, недостаток на комуникација. Една млада жена се враќа во своето родно место, мал град по долго време живеење во странство и нејзината мајка која починала кратко претходно, откри Апчевска.
Насков дополни дека чувството да се биде одвнатре на Кан е неповторливо.
-Од прва рака да ги видите работите кои се случуваат, вниманието кое ви го посветуваат колегите од целиот свет, ве прифаќаат како свои, на исто рамниште, без разлика од која држава доаѓате е навистина убаво чувство. Многу ми е драго што македонските филмови во последно време навистина покажуваат дека може. Кога некој македонски филм ќе успее на некој фестивал тоа треба да ни покаже дека тоа навистина е возможно, а не да занимаваме со љубомора и да ги омаловажуваме успесите. Секогаш некој од страна доаѓа и ни кажува колкав успех сме направиле, а македонската јавност не му придаде голема важност за овој успех, за жал. Се што се случува во културата нема одек каков што заслужува, повеќе се третираат спортските успеси, отколку што се третираат успесите во културата иако сме прилично свесни дека постигнувањата на полето на културата или конкретно на филмот најдобро ја презентираат нашата земја. Мислам дека Македонија со тоа што го постигнува на културно поле се натпреварува рамноправно со сите држави во светот и тоа е голема работа. Да се биде дел од тоа светско семејство на филмаџии, привилегирани, навистина за целата екипа и за целата држава е огромен успех, која се надевам ќе повелече уште поголем успех. Ако порано македонските филмови по фестивали не ги гледале, верувам дека нашите успеси, на начите колеги ќе доведат до тоа кога ќе се појави македонски филм на некој фестивал ќе му обрнат многу поголемо внимание и ќе очекуваат дека доаѓа некој нов добар филм од Македонија, рече Насков, заблагорадувајќи се на фестивалот „Браќа Манаки“ што и овде е прикажан филмот бидејќи како што рече пред македонската публика тремата е поголема.
„Северен пол“ во продукција на „Кино око“, е сниман на супер 16 мм филмска лента на локации во Скопје и Македонска Каменица. Филмот е во конкуренција за наградата „Мала камера 300“.
Сценографијата е на Кирил Спасески, костимограф Билјана Гргур, шминкер Горан Игњатовски, монтажер Драган Вон Петровиќ, дизајн на тон Игор Поповски и Бојан Паликуќа и кастинг-директор Киријана А. Николоска.