МЕРАКЛИСКА

Свири ми, Боцкин,
на уво свири ми,
како билбил, море,
на Тумбе Кафе
в рани зори шо ми пее,
пет дупли Ганди
на тафта нека донеси,
на астал, пијан, море,
јас ќе си умрам,
како шо вели Миркецо,
шо од капка да умриш,
од литро ракија умри си
во таа “Корзо”, море,
на Широк Сокак, меана,
ќе си умрам, але,
млад и зелен неженет,
од љубов, море, голема,
на срце, Боцкин, ифтири.
Ја сакав, од срце,
жими мајка ја љубев
таа лична битолчанка
и сѐ ѝ таксав не излагав:
Ќе те носам, Донке,
Еврејско маало
кај чифутин сарафи,
во дуќано на Мушон,
златен прстен
за сто гроша да ти купам,
кај Јуца, ас терзија
кај Јоле, шнајдеро,
ќе те носам по мерка
срмен елек посребрен
на снага да ти шијат,
кај Шапкарите, кај Кире
ќе те носам,
паларија од калап мерка
по мерка напраена
за пет лири да ти купам,
штикла чевли по мерка
Стив чевлар да ти напрај
со чивии заковани,
во Уредо, кај Џино,
златно запче да ти клај,
та кога се смееш
усте, да ти свети
ако треба и бајсик Пежо
ко на Саку ќе ту купам…
Ќе те носам, моме Донке,
кај Манаки кадро
за спомен и сеќавање
долго да ти напрај,
за образ, тој, малцичка
ќе те фати и погали:
“Поткрени, гљата, але,
мушата фета,
така полична ќе бидиш
и пули тука во пилето!”
И на француски,
како на султанот Решат
шо му рече и тебе
лична Донке, ќе ти речи:
“Матмазел, момент!”
Во Офицерски,
на игранки ќе те носам,
моме Донке,
на биоскоп во “Трудбеник”
ќе те носам Тумбе Кафе
на ладна меана,
ладна бира ќе пиеме
оладена во камен мраз
од Горно Ореоо донесен
во зелен папрат завиткан,
ќе те шетам со пајтон
Кисела вода кај Крстор ,
на враќање кај Манако
на кафе локум ќе те носам
Зборвам, лажам, корнам,
пена на усти
ко вода во Курдерес
во пролет надојдена,
а липите во Паркот цутат
мирис до Соколана шират!
Свири Боцкин,
свири тивко и во рајо
пред портите таму
ширум да ми ги отвориш!
Ако треба,
жица нека пукни
на таа виолина
и Ева во рајот нека види!
Јас и опиен од убајна,
по битолски,
од срце љубов му нудев,
а таа како ангел да беше
ангелска песна,
тивко, на уво,
за разделба ми запеа сал:
” Нели ти реков
моме Донке
да не љубиш
битолски ергени…”
Свири, Боцкин, свири,
како шо свиреше во Атина
ако треба Калица,
нова песна ќе ни скрои,
вечер, пијан ќутук,
пак дома нека ме носат :
Донка сега,
во сандалија наша,
скопјанец си љуби!

13.4.2020 г. Панде Манојлов

* Со голем мерак мераклиски напишана… За битолските ас мераклии…
Малку по битолски малку онака како што некогаш народот пеел… Споделете ја, од мерак пусти за Битола!