Меѓународната ликовна колонија „Де Ниро“ и уште една институција со високо реноме, Меѓународно графичко триенале Битола, денеска, потпишаа Повелба за збратимување. Потпишувањето на Повелбата се случи во Културен Центар на Меѓународна колонија „Де Ниро“ во с. Цапари. И двете страни гледаат на овој чин, како на нешто значајно за натамошниот раст и развој и на двете институции.

„Еден од најзначајните организатори на изложби од Њујорк, побара соработка со “Де Ниро“, а веќе идната година во 2022 година ќе се организира изложбата “Уметноста на Азија, Африка и Медитеранот“, а главен акцент ќе биде ставен на Триеналето и колонијата “Де Ниро“. Денес на свечен начин тоа го офизицијализаме и се побратимуваме-рече во своето обраќање денеска, Владо Ѓоревски, уметнички раководител Меѓународно графичко триенале Битола.

На настанот, организаторот Драги Филевски ги претстави ликовните уметници, учесници на колонијата од Германија, Србија, Саудиска Арабија, Црна Гора, Грција и Македонија.
„Оваа колонија е ништо без уметниците и нормално луќето кои помагаат таа да се случи. Уметниците се како златен прав, нив,не ги гледате, но ни е преубаво кога го гледаме тоа што го испуштаат . Оваа колонија годинава има многу работи, а ќе започнам со мозаикот кој го почнува Мирослав Масин. Минатата година се збратимивме со арт-поинт “Гумно“, а ќе направиме изложба во центарот на Битола на Широк Сокак, насловена како “Азбука“ на Сергеј Андреевски, посветена на Блаже Коневски-рече во своето обраќање денеска, организаторот Драги Филевски.

Во рамките на настанот, свечено беше отворена, меморијалната изложба на ликовни дела, од Миливоје Новаковиќ – Кањош, врвен ликовен уметник, прв уметнички директор и еден од двигателите од самите почетоци на Меѓународната ликовна колонија “Де Ниро”. Тој за жал во 2020 та година го напушти овој свет, но продолжува да живее преку неговите извонредни дела кои се дел од оваа Колонија.Меморијалната изложба на Миливоје Новаковиќ Кањош ја прогласи за отворена Драган Ангелковиќ, член на Советот на Колонијата.

Во текот на овие 17 години на колонијата учествувале околу 200 ликовни уметници од 30 држави од Европа и Светот кои досега создале речиси 500 уметнички дела. Токму оваа година од колонијата, треба да произлезе јубилејното – 500-тото по ред уметничко дело, што му дава еден посебен куриозитет на целата оваа приказна.