Свети Христифор — главна манастирска црква на Крстоарскиот манастир во битолското село Крстоар.
Црквата е сместена на околу 5,5 километри од градот Битола. До него води асфалтен пат, најпрвин до селото Крстоар. Од селото, асфалтниот пат продолжува во должина од еден километар, на моменти стрмен и тесен.
Дополнително, до манастирот може да се пристигне и преку соседното село Буково, од каде преку црквата „Воведение на Пресвета Богородица“, води пешачка патека.
Црквата била подигната во четвртата декада од XIX век. Претрпела сериозна обнова во 1926 година.
Претставува прилично голема еднокорабна градба, со петстрана апсида на исток и влезови кон наосот од западната и северната страна, а директно во олтарниот простор може да се влезе преку посебната врата на југоисточната страна.
Историјата на храмот е испишана на мермерната плоча на фасадата над северниот влез.
Живопис се забележува и на надворешноста, односно има насликана претстава на Свети Христофор над западниот влез. Насликан е во медаљон, претставен во цел раст со повеќето негови атрибути. На рамото го носи малиот Христос, додека во едната рака држи копје, а со левата го придржува маченичкиот крст. Покрај тоа, запишана е 1926 година како година на сликање на претставата.
Во храмот нема сочувано ѕидно сликарство од изградбата на црквата. Оној живопис што може да се сретне во апсидата на црквата и на темето од сводот, насликано е за време на нејзината обнова во 1926 година.
Иконостасот во црквата бил направен во третата декада од XX век. Бил направен со три реда на икони, царски двери и високи врати на јужниот и на северниот дел. Во црквата се зачувани само неколку празнични икони од XIX век.
Денес 22 мај е Ден на светиот маченик Христофор и е празник и на Манастирот и во с. Крстоар. За многу години празникот!
Текст Википедија