Почитувани,

Ни претставува особено задоволство и официјално да го најавиме 14-то Издание на Балканскиот етно-фјужн фестивал „Локум фест-музика и традиција“ 2020.

Локум фест е првиот културен фестивал во Битола кој се реализира по Протокол и ќе се одвива од 22-24 Јули со почеток во 21.00 ч, во Пацио на НУ Завод и Музеј Битола. Фестивалот е дел о националната програма на Министерство за култура, а поддржан е и од Општина Битола. Оваа година на програмата ги имаме најдобрите етно групи од земјава, со нивните нови музички промоции. На 22.07 започнуваме со Чалгија саунд систем, 23.07 со „Балкава“, а затворањето на фестивалот е со „Љубојна“.

Локум фест е фестивал кој за прв пат се оддржа 2007 – та година во срцето на старата битолска чаршија. Името на фестивалот е синоним на средба помеѓу есанфот, луѓето од различни култури кои битисувале во конзулска Битола. Локум фест е фестивал кој го промовира културното наследство како важен идентитетски сегмент и атрактивен атрибут за развој на културниот туризам.

Годинава за прв пат се оддржува надвор од старата чаршија, но сепак во културно историско место. Локум фест останува доследен во својата мисија да промовира македонска музика и музичари. Во изминатите 13 г. на Локум фест настапиле преку 68 групи од 20 земји.

На Локум фест настапувале Јаков Дренковски, Виолета Томовска, Васка Илиева, Тони Китановски и Чекези оркестар, Кочани оркестар и Кинк Велинов, Љубојна , Баклава, Сваровски бенд и многу други.

Влезници по цена од 100 денари за првите две вечери и 150 ден за затворањето со концертот со Љубојна на 2 часа пред концертите на благајна , како и секој ден во Култур кафе (кај Епинал) , и со резервации на профилот на Локум фест Битола.