Ѓорѓи Николов Делчев, попознат како Гоце Делчев (Кукуш, 4 февруари 1872 – Баница, 4 мај 1903) е македонски национален херој, учесник во македонското револуционерно движење, деец на Македонската револуционерна организација, апостол и срцето на револуционерна Македонија, идеолог, организатор и водач на македонското револуционерно националноослободително движење кон крајот на XIX и почетокот на XX век.


Неговиот лик и Име го среќаваме на неколку места во Битола:

Името го носи основно училиште кое се наоѓа во централното градско подрачје, веднаш позади Центарот за култура во Битола. Во составот на училиштето има 5 згради кои се под заштита на спомениците како стара градска архитектура, изградено во 1847 год. Три згради се лоцирани на ул. Виенска бр.13, а две згради се лоцирани на ул.Београдска бб.

Во изградените објекти во 1847 год. (Османлиска власт) со работа започнува грчко училиште кое прераснува во грчка гимназија. Истото покрај пожарот, во 1851 година ја продолжува својата дејност како грчко училиште се до виорот на Балканските војни од 1913 год. Во просториите на поранешното училиште „Никола Тесла“ , односно сегашното ОУ „Гоце Делчев“ се до 1912 година работела и влашката машка гимназија.

По поделбата на Македонија во 1913 година (крајот на балканските војни 1912-1913 година), Битола потпаѓа под српска управа со што грчката гимназија се преименува во „Св. Сава” под истото име, овај пат на српски јазик, настава се изведува до 03.04.1941 година, со адреса на училиштето ул. Алимпиќиева бр.11, Битола. Работата на училиштето била прекината само една година и тоа во 1915 год. кога истото било претворено во Воена болница на фронтот на Првата светска војна (1914-1918) кој поминувал токму низ Битола.

Во текот на Втората светска војна (1939-1945) продолжила работата на училиштето. По окупација на Битола во април 1941 година се до ослободувањетото на градот Битола, ноември 1944 година, наставата се одвива на бугарски јазик сега во училиштето „Отец Паисиј“.

Конечно во 1945 година, поточно на 04. 12. 1944 година, училиштето ,,Отец Паисиј” било преименувано во „Св. Климент Охридски“ каде наставатата се одвива за прв пат на македонски наставен јазик. Наредната учебна 1945/1946 година од V, VI и VII одд. произлегла Прогимнзијата „Гоце Делчев“. Во истата учебна година во другите простории, со паралелките на турски јазик е фромирано Основното училиште „Адем Махмуд“, а од паралелките на албански јазик е формирано Основното училиште „Фахи Ибраим“.Овие две училишта во учебната 1957/1958 година функционираат под зедничко име „Никола Тесла”. Во истата учебна година 1957/1958, училиштето ,,Св. Климент Охридски“ и Прогимнзијата „Гоце Делчев“ се соединуваат во едно училиште од I до VIII одд. – Основното училиште „Гоце Делчев”. Во 1977 година Основното училиште „Никола Тесла“ се припојува кон Основното училиште „Гоце Делчев“, а од 1983 година е извршена целосна интеграција во еден правен субјект.(1)


Името на големиот македонски великан го носи и Културно уметничкото друштво Гоце Делчев од Битола, формирано во 1983, ансамбл за фолклор и добитник на многубројни меѓународни и државни награди и признанија.


Гоце Делчев во Битола има мал спомен музеј посветен на неговите активности во Македонското ослободително движење кој се наоѓа на ул. „Стевче Патако“ бр.11 Битола.

Отворањето на овој музеј е иницирано по повод престојот на Гоце Делчев во Битола во 1901 година во овој објект. Главната негова цел при овој престој му беше да се сретне со неговиот сакан другар и соработник Даме Груев, основоположникот на ТМОРО, кој во овој период се наоѓаше во Битолскиот централен затвор.
По извршената темелна реконструкција на објектот и изработениот елаборат, по повод 85 годишнината од загинувањето на Гоце Делчев, на 4 мај 1988 година свечено беше промовирана постојаната музејска поставка.
Поставката содржи две изложбени простории со вкупна површина од околу 37 м2 , од кои во првата просторија е сместена содржина “За животот и револуционерната дејност, на првоапостолот на македонското ослободително дело”.(2)
Во оваа просторија како континуитет на Гоцевата револуционерна дејност со бројни документи и фотографии прикажана е состојбата и настаните во Битолскиот револуционерен округ. Од бројните поместени експонати во оваа поставка значајно место заземаше револверот подарен од Гоце Делчев на Михаил Ракиџиев, сопственик на куќата и член на Окружниот комитет на Битолскиот револуционерен округ кој во 2015 година поради негрижа и несоодветна заштита беше украден заедно со други три пиштоли, две пушки, две турски сабји и еден турски јатаган.
Во оваа поставка изложен е и оригинален експонат од 1905 година, (вез од ситни мониста во разни бои со претстава на еленче што пие вода), кое е посветено и подарено на Михаил Ракиџиев од затворениците кои за иста цел се наоѓаа со него во Централниот битолски затвор.

Во составот на поставката, во соодветна просторија, поставена е витрина со симболите на револуционерната заклетва на Организацијата како и оружје од Илинденскиот период.

Како составен дел на оваа музејска поставка, во собата во која престојувал Гоце Делчев и во која се одржувале состаноците, задржан е ентериерот со амбиентот во оригинална состојба. Исто така во оваа соба, за да се наслика автентичноста на времето, поместени се материјали од тие години.

Музејот досега не го имаме видено да работи и да е отворен.


Гоце Делчев беше старото име на Гимназијата Јосип Броз Тито во која се одржа првиот час на македонски јазик во повоена Југославија. Името претрпи промена во тој период после Втората светска војна.


Со неговото Име е именуван некогашниот плоштад во Битола, кој сега е паркинг пред Домот на Културата и по потреба плоштад.

(Фото Google Street View)

Гоце Делчев има околу 300 метри улица во Гинимаале која започнува од Пелагонка 1 и завршува до долното средсело.

(Фото Google Street View)

Гоце Делчев нема ниту еден значаен споменик во Битола. По Гоце Делчев не е именуван ниту еден од поголемите булевари во Битола. Неговата мисла “Дали може да има друго место за еден Македонец, освен Македонија? Дали има и народ понесреќен од македонскиот? И дали има некаде пошироко поле за работа, отколку во Македонија…” како точно за нас да е напишана и слободно може да се додаде и Битола?!
Ние битолчани еден ден мораме повеќе да му се оддолжиме за неговото дело, но не на начин како што сеуште и срамно ни е да го споменеме споменикот на Александар Турунџев кој веќе 3 години е заборавен позади битолската општина.

Гоце Делчев беше убиен на денешен ден 4-ти Мај 1903 г. од страна на турскиот аскер во село Баница, Серско Егејска Македонија.

Почивај во мир великану…

(1) ОУ Гоце Делчев Официјална Веб страна

(2) Музеј Битола