(КРАЈ НА XIX И ПОЧЕТОК НА XX ВЕК)

Милтон Манаки заедно со неговиот постар брат Јанаки Манаки ги поставиле темелите на балканската фотографија и кинематографија, почнувајќи со дејност на крајот на XIX век. Сведоци на политичките премрежиња на територијата на географска Македонија во XX век, браќата Манаки покажале поширока културна визија и димензија во областа на фотографијата, надминувајќи го степенот на работата во ателје за комерцијалните потреби на граѓаните, типичен за нивните деловни современици од фотографскиот еснаф. Нивната дејност била предмет на многубројни студии од областа на културата, уметноста и историјата во Европа и светот. Најголем дел од нивното творештво денес се чува во Државниот архив – Одделение Битола (документација, фотографии и предмети).

Гледано жанровски и тематски, фотографскиот опус на браќата Манаки е вистински сестран и полифон во смисла на опфаќањето различни наративи и заедници во богатата и густа мултикултурна балканска демографска структура.


Најзастапени се поединечните и групните портрети, фотографии со опис на стопанска дејност, социјални слоеви, етнографски аспекти и од обичаи и секојдневен живот на население од различни етнички заедници.На крајот на XIX и почетокот на XX век објективот на браќата Манаки ќе ги овековечи бурните времиња кои ги живееше градот. Помеѓу економската неизвесност, политичките пропаганди и влијанија, нестабилноста на Отоманската


Империја, Битола ќе се најде на крстопат помеѓу несигурна, но и возбудлива иднина, синтетизирајќи ги елементите на стариот свет и европскиот прогрес и благосостојба во новото време (La Belle Époque). Фотографскиот опус на Манакиевци ни дава исклучителна можност да ѕирнеме во секојдневието на битолчани, но и свечените пригоди кои ги имало во овој сѐ уште значаен културно- трговски центар на Балканот.


Дел од нивниот фотографски опус најде место и за време на републичкиот фестивал на народни песни и игри „Илинденски денови“ на 21 јули 2022 г., преку изложба на тема “La Belle Epoqueˮ – Истокот и Западот, битолската мода низ објективот на Манаки (крај на XIX и почеток на XX век), подготвена од Државниот архив на – Одделение Битола во соработка со НУ Центар за култура – Битола.

Извор Архивист ДАРМ