Копанки, култното место на битолчани, уште една приказна која чека да го дочека својот среќен крај. Ние викаме “Дај боже”. Носи иста судбина како повеќето други знаменити објекти во Битолата како Офицерски, Стадионо, Спортската, Детското, Исљахането, турските бањи и да не набројуваме повеќе, срамота е ќе прочита некој отстрана… Или можи ќе го напрат колонијал како Дебојо. Но, нема врска да се вратиме на темата.
Денот беше прекрасен за да се искористи некаде на воздух, на снег. Пато под нозе заминавме на Пелистер. 15 тина километри или едно кило, две нафта по угорници. Возејќи нагоре на две места кај чешмата во с.Трново и погоре кај поренешниот мотел, ресторан Рис начекавме мраз. Се направи колона. Кој лизгаше, кој не качваше, кој замина в ендек. Нормално каравме по Македонија Пат. А и тие кузнај како му е кај нив, ни стопан ни сол ни ризла. Иста ситуација секаде. Повеќе души со заеднички напор едниот, па другиот некако искачивме и заминавме го испрајвме пато. Заради големата желба, не за друго. Зимните искачувања на Пелистер се како да речиме влез во рудниците каде пиши “СРЕЌНО”. Сите заедно се качуваме или сите слегуваме и недај боже да се погоди некој обратно. Од сабајле нагоре, поручек надолу. Ако се разминиме со едно возило или две, лотарија, на 90% од пато тоа не е можно и ризично, но шо да се прај, љубовта кон планината е навистина голема. Го поминавме Детското, кизнај како е таму, затскриено не ни паѓа многу в очи. Нека одмара, нас за ништо не не бива. Мислев на чаушите, не на нас. Од погоре, на пато ја гледаме и жичарата на Детското. Ги има неколку. И тие затскриени си чекаат подобри времиња. Тое. Стигнавме хотел Молика. Најдовме место на паркингот зошто повеќето беа паркирани на патот до почетокот на жичарницата. Поблиску до неа. Да не одат со чевлите за скијање од подалеку. Разминување “сакн” шо викат битолчани. Шо се криви и тие кога и нема каде да се паркира, а се дојдени да не претераме околу 500 возила со по двајца минимум од 1000 до 2000 битолчани и по некој прилепчанец или кавадарчанец. Судбина.
Картата за жичара 100-тка, на седиштата имаше мраз, така да цело возење ни замрзна газо. Ајде само за убо да е ќе подголтниме и за ова. Полека полека стигнуваме горе Копанки. Го креваме железото од корпата и еден дечко со токи-воки не прифаќа на платформата. Ете го, стигнавме, култното место на љубителите на планината и дружењето. Домот Копанки.
А од домот само камените ѕидови и високите оџаци. Затрупан во снег. Но ние така не го видовме. Ние пак си го замисливме како што е останат во нас со големата сала и мирисо на колбавчиња, ламперијата, старите слики обесени, креветите каде секогаш заспивавме ко ќе не искараше Домаро, покриен со црвената ламарина. Колку за информација Домот беше двокатна куќа, изградена во цврста градба од камен, малтер и дрво. Нудеше 100 легла распоредени во 12 повеќекреветни и помалкукреветни соби, прилично уредени, а спиењето чинеше 200 денари или 100 денари со планинарска книшка. Имаше струја, вода, санитарен јазол, трпезарија, бифе за пијалоци и основни продукти. Работеше нон стоп преку цела година. Шо ако е руина ние така не го гледаме. А битолчани беа тука, покрај него. Ги имаше околу двеста. Распослани на клупите, насмејани, расположени, маскирани до гуша со капи и наочари, ски и даски. Си пиеја кафе и чајче од кај Мацата, Хот Бокс, единственио кој околу пет години е секој ден таму и мрзни за сите нас да ни биди убо.
Задува ветер, сонцето си замина и почна да студи. Немаше каде да подвлезиш и да се стоплиш. А не ти се бега одозгора. Не ти се оди во зачадена Битола. Дури и ти се преспива, баш тука, неколку дена. А другарите секој ден да ти носат вино, пиво, гитари и женски…
Тоа беше наше видување. Подлабоко не навлегуваме. Знаеме дека само од Пелистер и туризам цела Битола и битолчани можат да живеат. Да си има гондоли од подолу, да не се возикаме до горе и да не загадуваме и паркираме безвеза, да има снежни топови, повеќе стази и ски лифтови, сместувачки капацитети, затворени базени, спа центри, школи за скијање итн. итн. Можи ќе се исечи некоја молика, но три пати повеќе ќе посадиме ако треба. И та сака друштво и детски џагор нели? Фрлете некое миљонче, 40 години поминаја со истото. Снег ако треба од дома ќе си носиме…
Ех Копанки мило Копанки, навистина ни остана баш како копанка, закопана, длабоко во срцето…