„Ко ќе ојте” во Битола ќе мора да „јадите од пајнци”. Главното јадење можи ќе биди нешто од „јагнина”, а за десерт можеби ќе имате „љубејнца”. „Ама зато па ко ќе ојте на Широк Сокак ќе гледате убај љуѓе”, вели Дивна Грдановска Караџовска.
Заљубени во градот и наречјето



Сузана Цветановска е новинар во локална телевизија и секој ден зборва со различни луѓе, од пазарџии до доктори, од работници до директори.
Ја прашавме, колку битолчани го користат македонскиот литературен јазик?
-„Битолчани, како што се заљубени во својот град, повеќе зборуваат битолски отколку литературно.“
Сите ја знат Ленче Василевска Гаровска од општина, референт за советничките седници. „Неа му смета дијалектот на спикерите и пратениците.“
„Скопјани скопски, а за во парламентот да не прајме муабет. Таму секој … како дома си збора, така.“
Во битолскиот говор не постои глаголска „е” група, како што се „земе”, „рече”, „може” вели универзитетскиот професор Кирил Трајковски.
„И најобразованиот, и најучениот ќе „речИ”, „можИ”, „земИ”.

„Сиграт со пилина“
Во Битола доминира и елизијата на вокалите, вели Трајковски, па битолските деца „сиграт”, има отсуство на формата „иња” – па битолчани јадат „пилина„ и „јагнина” и го отфрлаат интервокалното „в” кај едносложните именки, па во Битола „паѓаат” „снегој“ и „дождој”.
-„За битолчани не постои прашалната честичка „ли” – „Ќе дојдете ли на кино?” Во битолскиот говор, на еден убав спонтан начин тоа се постигнува со нагорна интонација која како да се прекинува: „Ќе одите на кино?”.
Иако секојдневното користење на македонскиот литературен јазик влијае во целост на зборовите што се употребуваат, ако новинарите постојано зборуваат литературно се предмет на „мајтап”, потсмев. Пак Сузана:
-„Ми се чини дека ако го користам и дома литературниот јазик тогаш би имала повеќе реакции отколку обратно.“
Старите Битолчанки не одат поќе кај модистра – шивачка, но се пак убај, дотерани, претставителни, одат на гробишча и јадат лешча, ја користат гласовната група „шч”, а под влијание на говорот на влашкото и албанското население, изговараат меко „л”.

Прилог на БиБиСи на македонски од 2008 г.

Фотографија печатница Гутенберг, с.Магарево