Во 1938 година во рамките на Планинарското друштво „Пелагонија” била формирана секција за скијачи, делумно опремена со скии, прва од таков вид во Македонија. Членовите на „Пелагонија” учествувале во скијачките натпревари. На еден таков натпревар низ улиците и околината на Битола во 1938 година, организиран од другите друштва, учествувале повеќе граѓани и воени лица, a учество зел членот на скијачката секција на „Пелагонија”, Панде Димитровски. Имал скии кои уште во 1933 година сам ги изработил. Натпреварот го следеле речиси сите членови на Друштвото, дојдени за да го бодрат. Димитровски освоил едно од првите места. Неговиот успех многу позитивно влијаел врз зачленување на нови лица во „Пелагонија“. Сепак, најголема пречка во развојот на скијањето бил недостигот на скии, кои биле скапи и тешко можеле да се набават. Заради тоа, Панде Димитровски за потребите на скијачката секција бесплатно ги изработувал, рачно, од варена бука.

Во почетокот на март 1940 Планинарското друштво „Пелагонија” организирало еден невообичаен скијачки натпревар за кој пишувал тогашниот печат. На него учествувале осум членови на друштвото. Патеката водела од „Санаториумот” (тн. „Штампаревац”, односно „Детското одморалиште”), преку врвот на Пелистер, па Мало Езеро и Големо Езеро, Сапунџица, гребенот на Баба преку Муза и Неолица, Лавци, до Битола. Трасата со должина од околу 48 километри била обележана со мали разнобојни знаменца. Учествувале Борис Алтипармак, Димитар Спирковски, Спирко Спирковски, Петар Бојаџиевски, Васил Дамјановски, Вангел Василевски и уште еден член за чие име хроничарите не оставиле запис. Натпреварот се одвивал во лоши временски услови, па семејствата и блиските на натпреварувачите им советувале да го одложат планираниот потфат, на што тие одговориле: „Не плашете се, ние ќе ја совладаме природата”.

Еден ден пред натпреварот пред канцелариите на Друштвото имало музика и многу народ кој дошол да ја изрази поддршката кон натпреварувачите. Стартот бил пред изгрејсонце. Од „Санаториумот” пешки стигнале до врвот, каде ги ставиле скиите. Водата што ја носеле за пиење замрзнала. Поминале покрај замрзнатите Мало и Големо Езеро и некаде кај Неолица веќе ги фатил мрак. Доцна ноќта стигнале во Битола. Заради лошото време, во текот на целата траса се држеле заедно, што придонесло сите успешно и безбедно да ја минат опасната и долга траса. Така, вложувајќи огромен физички напор, по изминати седумнаесет и пол часови непрекинато движење, во Битола стигнале во 21 часот, при што биле пречекани со големо одушевување. Немало прогласување на класичен победник, но при тоа победил нивниот ентузијазам и единството, другарството и хуманоста што со тој чин ги афирмирале.

Сличен ваков натпревар бил организиран наредната година, на 2 март 1941. На него учествувале, меѓу другите, двајца натпреварувачи од „Пелагонија” и двајца од „Српското планинарско и туристичко друштво”. Покрај нив на трасата се појавиле уште двајца планинари од Нижеполе и неколкумина непријавени скијачи кои учествувале вон конкуренција. Скијачите биле испратени од пред канцелариите на „Пелагонија” од мноштво народ. Некои носеле и транспаренти со пароли во спортски дух. Стартот бил следниот ден во 4 часот и триесет минути наутро, од планинарската куќа на „Пелагонија” кај „Копанки”. Претпоставувајќи дека ќе има невреме, двајцата натпреварувачи од „Српското планинарско и туристичко друштво” се откажале уште на стартот. Натпреварот започнал по многу лошо време. Водачот на натпреварот, Димитар Спирковски, ги бодрел младите скијачи и им го покажувал правецот на движење. Имало силен и студен ветер. Лицата им мрзнеле, што било причина уште двајца натпреварувачи да се откажат уште пред да стигнат до Малото Езеро. Петар Бојаџиевски, Вангел Василевски и Петар Лазаревски го продолжиле натпреварот. Василевски во еден момент паднал во провалија, но не се откажал. На потегот кај гребенот меѓу Малото и Големото Езеро водел Бојаџиевски. Упорни во намерата да истраат и со тоа да го афирмираат Планинарското друштво „Пелагонија”, себеси се довеле во голема опасност, но сепак патеката од 38 километри успешно ја поминале и тоа Петар Бојаџиевски како прв, втор Вангел Василевски и Петар Лазаревски како трет. Во чест на натпреварувачите, истата вечер Друштвото „Пелагонија” организирало свечена забава, на која им биле доделени награди.

Извор ПСК Пелистер