Во нашата Битола низ векови наназад имало дури стотина анови. Според некои записи првиот ан бил подигнат во 1435 година од Сунгур Чауш Беј кој бил голем добротвор за Битола. За битолските анови пишувал и турскиот патеписец од 17 век, Евлија Челебија кој во својот тефтер забележал дека по ановите се пее, се игра, се јаде до зори, било многу весело и имало многу девојки. Откако Челебија ќе запишел се што ќе му се видело интересно влегувал во некој од ановите и додека јадел бележел што има на софрите, печено јагне, бирјан, капама, риба и разно овошје донесено од сите страни на светот.

Кичевски Ан, непотврдено

Ан доаѓа од турски збор han или конак и има значење за вид гостилница и преноќиште од османлиско време за патниците и нивните каравани. Овие згради имале штала за коњ, внатрешен двор, соби за патниците, гостилница (меана) и простории за анџијата (газдата, сопственикот).

Од сеќавањата на Љупчо Ефтимов, правнук на последниот газда Пандо Илиев за хотел ресторан Кичево порано бил познат и како Кичевски Ан ( или Отел Кичево ) за што и ни раскажува неговата ќерка Анета Ефтимова Чен која моментално живее во Сиднеј, Австралија:

„Според сеќавањата на татко ми мислиме дека хотелот бил купен под тоа име. Се наоѓаше на местото на денешен Црвен Крст, на ул.Иван Милутиновиќ од улицата се до пазарот каде на тезгите се продаваат текстил, фармерки и сл, скоро до Кам маркет (порано таму се продавале јајца).

Градбата беше на два спрата поделени со чардаци ( балкуни ). Долниот дел под чардаците од една страна имаше простории т.н. АУРИ каде се чуваа коњите ( пошто се патувало со коњи и запрежни коли ), и на другата страна ресторанот ( АНОТ ) каде гостите имале можност да уживаат во тогашните битолски специјалитети, чкембе чорба и сл.

Горниот дел со чардаците е кај што имало 21 соба каде гостите преноќувале, а на секој столб од чардакот во големо буре имало засаден по еден лимон.

Горниот дел од чардакот бил покриен со лозница која давала прекрасна сенка и ладовина, за уште попријатно чувство и убави спомени на гостите од нивниот престој тука.

Овчки пазар и Кичевски ан (непотврдено)

Од едната страна на улицата до ресторанот имало берберница, берберницата на Ѓуш и брат му Нико, а до нив фурна со најубавиот бурек и леб на времето.

За жал последната фотографија не е во нас повеќе, треба да е во Музејот ( како што претходно Ви споменав, дедо ми пред неколку години со негово интервју за хотелот му ја даде на Валентин Соклевски ). Како и да е , по сеќавање на татко ми Љупчо Ефтимов, внук на газда ( дедо ) Пандо , татко ми нацрта како Хотелот изгледал во внатрешниот дел, дворот.“

Внатрешниот дел, дворот на Кичевски Ан, Хотел ресторан Кичево, илустрација на Љупчо Ефтимов по сеќавање.

Хотел Кичево или Кичевски Ан е национализиран во 1945 г. од страна на тогашната власт и денес за жал не постои.

Голема благодарност до фамилијата Ефтимови.


Битолските анови преку текст и локација ќе бидат поставени исто како дел од нашата бесплатна мобилна апликација Bitola Tour Guide, која ја изготвуваме со наши мали и скромни средства без помош од Општина Битола или некои други фондови со суми од 200.000 евра.