Големиот Такец знаеше да каже дека за да бидеме вистински битолчани треба да продолжиме по неговиот пат кој тој ни го трасираше како голем истражувач и во наше наследство остави значајни материјали за Браќата Манаки, Мустафа Кемал Ататурк и неговата љубов Елени, за престојот на Вагнер во Битола, за Димитрие Лала и други битолски значајни настани, личности и фамилии кои во голем дел го имаат одбележано минатото на нашиот град и е вредно да бидат споменати на начин кој го правиме веќе петта година по ред. Една од тие големи битолски фамилии која остави траг во Европеизацијата на Битола и беше позната во нашиот град по нивниот домаќинлук и еснафлук е фамилијата Кривашија. Оттука па до крај на оваа приказна за нив повеќе ќе ни раскаже еден нивни потомок, Калиопа Кривашија Стилиновиќ, на која и сме бескрајно благодарни:

„Стефановски, Стефанов, па и Стефановиќ, онака како што барале времињата, но и приликите, така и се трансформирало презимето…но, тоа се само траги од она што го знаат и за кое слушале денешните потомци. Од една едноставна причина: тие се веќе трета, четврта генерација на семејството Кривашија. И да, некои ја знаат приказната што им ја раскажале нивните татковци, дедовци за еден прадедо Јонче којшто по еден незгоден пад си го искривил вратот и така си го добил прекарот крива шија. Јонче починал, прекарот останал. Неговиот син Лазар (1893-1978) познат угостител со меана каде се служеле надалеку прочуените специјалитети, шкембе чорба и останати мезелуци, со извонреден сенс за она што денес би го нарекле бизнис, сметал дека е сосема природно меаната да ја нарече „Кај Кривашија“.

Објектот на Кривашија, десно

Но тука не застанал, па, зошто да не, и онака цела битолска чаршија така го знаела и…. си го променил и презимето. И така, приказните, досетките и случките се раскажувале, се додавале нешта, се замаглувале низ сеќавањата, но презимето останало.
Бил оженет со Калиопи (1902-1976), , моминско презиме Китани, чиешто семејство, со грчки корени, поседувало аптека на Широк сокак.

Имале три сина: најстариот Александар – Алеко (1923- 2007), Христо – Ице (1925-1979) , Анастас- Шули (1930-2007). Лазар и Калиопи го сакале најдоброто за своите деца, настојувале дома да учат со мајката да зборуваат грчки, ги праќале во француското училиште, им порачале австриски клавир што им стигнал преку Загреб. И на студии ги пратиле во Белград, кадешто сите тројца избрале медицински науки: Алеко – ветерина, Ице- фармација и Шули – стоматологија.

Семејството на Јонче Кривашија

Лазар бил познат човек во чаршијата, друштвен, духовит, забавен за сите генерации, галантен и голем боем. Со секого знаел да разговара, да комуницира, без оглед на вера и социјално потекло, а го помагал и поблиското и подалечното семејство. Во нивниот дом, со сопругата , за именденот Лазарева сабота, пречекувале многу гости, роднини, пријатели, познаници…
Но, имал и претприемачки дух и тука не запирал. Купувал куќи, секогаш нешто тргувал, продавал, препродавал.

Лазар и Калиопи со синовите

Па, така се случило да „му фрли око“ на атрактивниот агол на Широк сокак (на бројот 42, каде денес почнува улицата „Кирил и Методиј“ и каде што се сместени конзулатите на Франција и Турција).

Објектот на Кривашија, сега Т-Мобиле, горни кат Конзулат на Франција и Турција

И, за таа локација порачал проект во познатото архитектонско биро на Глигорие Ташковиќ. Изградениот објект во духот на битолската градска архитектура карактеристична за триесеттите години на минатиот век и во европски манир, имал приземје и кат, и додека катот бил користен за домување на семејството, во приземјето извесно време била сместена и Хипотекарната банка.

Објектот на Кривашија во срцето на Широк сокак

Дел од оваа по многу нешта карактеристична градба ја доживеал судбината на бројни други и бил национализиран и, за жал , и покрај сите напори Лазар Кривашија за својот живот не успеал да си го поврати имотот.
И кафеаната којашто некогаш се наоѓала во живописниот кварт околу Саат кулата, ја споделила истата судбина, била најпрво национализирана, а денеска повеќе не постои пред налетот на некои нови идеи и визии за градот.
Времињата минувале и минуваат.

Семејството се ширело, синовите се ожениле, сите добиле по две деца, а како што тркалото на животот неумоливо продолжува да врти, денес тоа е таа трета генерација: Мери, Опи, Домника, Драган, Владе…што го дополнува семејниот портрет и ја продолжува сагата со своите деца, внуци…И, како што обично бива, дел останале во родната Битола, а дел се распрснале низ светот: од Шведска преку Брисел па се до Сан Франциско.

Истанченото чувство за спасување од заборавот, најчесто во животот доаѓа многу доцна кога веќе ги нема оние што биле дел од настаните за да се потсетат и раскажат. Некои некогашни семејни приказни денес се тешко замисливи, но било каде да се нашите деца, правнуците на Лазар и Калиопи од почетокот на приказната: Сандра, Младен, Александар, Марија, Мартин, Сара, Филип….нашите внуци и нивните пра-пра внуци: Калина, Дарен, Нева, Марго, Ника….огромна вредност е да знаат дека имало некој и нешто и пред нив, дека едноставно животот на сите семејства, па и на ова нашето , е долга, многу долга нишка на надоврзување, учење, но и споделување, сеќавање…“


Калиопа Кривашија Стилиновиќ, внука, Почесен конзул на Франција*
(*За љубов на историјата на семејството, Конзулатот, по игра на коинциденцијата и случајноста е сместен во просториите на куќата на Широк сокак во која извесно време живееше семејството Кривашија).