Од популарно нареченото битолско Бајро или населба Баир по ул. 5-та води асфалтен пат према црквичето св. Ана и до горе во ридот каде се наоѓа надвозникот (магистралниот пат Прилеп – Ресен), а тука доаѓаме до популарното Картон Маало или Картон Сити во Битола . Името го добива по дел од првоизградените импровизирани живеалишта кои беа направени од картон, но денес не ги забележавме, туку повеќето се од цврста градба.

На самиот влез не пречекува миризба и чад од изгорено ѓубре, демолиран и уништен Ровер, сцена иста како во филмовите од најновото продолжение на Лудиот Макс Роад Фјури. Веднаш сликата и неизвесноста се менува со гласна музика од бугарски и српски Фолк песни и многу дечиња кои боси радосно трчкаат низ малите улички. Повеќето од новите доселеници се од Прилеп, тука наоѓаат парче земја веднаш до патот и го градат нивниот дом.

Вода и канализација не забележавме, имаше полски ВЦ-ња како пред 100 години, струјата е најверојатно бесплатна (не забележавме ел. броила) , дрвата им се блиску погоре на ридот , возила раскантани и без делови, ѓубре на сите страни, жалосна ситуација за гледање баш во оваа т.н. Декада на Ромите кога светот и ние тие требаше повеќе да направиме да живеат попристојно во животот кој не е доволно фер за нив.

Забележавме 5 литарски шишиња кои ги полнат со вода за да ги однесат во нивните домови.
Во разговор со нив иако со измачени лица сеуште се гледа некоја ведрина најверојатно со мислите во туѓина и спас од ова тука што им се случува. Барем на некој месец во азилантските кампови.

Импровизирани живеалишта покриени со теписи

На повеќето од нив и не му треба многу. Некои од поновите куќи се градат од нивните комшии, браќа и сестри кои се на печалба во Европските земји претежно во Германија и Австрија.

Официјалниот број е околу 2500, од кои повеќето се водат на една улица и број, Караорман 111. По наша проценка и обиколка сега ги има околу 1000, другите се попаметни од нас и веќе си го берат гајлето таму каде што некоја друга држава знае да го цени нивниот труд, да ги згрижи, и да им помогни, а со тоа и тие повратно да ѝ вратат како нејзини лојални граѓани.

Во непосредна близина се наоѓа и поголема депонија каде се пали ѓубрето, се соголуваат жиците од гумите или се вади бакарот. Теренот моментално го расчистуваше еден од багерите на некое битолско претпријатие.

Жалосно е ова што им се случува баш нив во 21 век, започнувајќи од незаинтересираноста на институциите и политиката на секоја власт „Купи ден, помини“.

Битолското Картон Маало во еден дел малку и не воодушеви: нема иматели и чувари на стока и кокошарници како што тоа ги има во Гинимаале, Буримечка, Ушици, елитната населба Златен Рид итн. итн.