Колку и да не сакаме да признаеме нашата Македонија е рај од планини, езера и реки, природни убавини и чуда кои сеуште полека пополека ги запознаваме, вчудоневидени од нејзината понуда. Овај пат авантурата не однесе во битолското село Зовиќ (Мариово) каде можи слободно да се речи е најпознатиот и најфотографиран мост во Македонија, Зовичкиот Мост.
Во ова село моментално живеат неколку фамилии претежно викендашки и истото висок процент ја има задржано неговата стара архитектура и автентичност од камени ѕидови и плочести покриви кои сѐ уште не се заштитени со закон како историско и национално богатство.

Во близина на селото поминува Градешка река која низ милениумите во карпестиот предел има издлабено неверојатна клисура и кањон, кој во последно време стана предизвик за негово откривање и освојување од страна на многу македонски и странски адреналински зависници преку кањонинг.

Кањонинг по дефиниција е рекреација на отворено што е спуштање по речна клисура (кањони). За разлика од другите спортови, како што се рафтинг, кајак, кањонството се изведува пеш без употреба на кану или гумен чамец.

Патиштата се поделени во две категории: вода и суви, а тоа делумно го одредува видот на употребената опрема. Во секој случај, секогаш се спуштате по реката / кањонот (никогаш обратно), користејќи јажиња, каде што е можно скокање и нуркање. Креатори на оваа активност биле спелеолозите, првите истражувачи на планините, долините и пештерите.

Опремата е мешавина од типични помагала од други дисциплини:

Шлем за спелеологија или планинарење
Костум за нуркање
Јажиња отпорни на вода
Чевли за пешачење или рафтинг
Ранец
Заштитни појаси со карабинери

Овој производ (кањонингот) за прв пат е достапен и кај нас во Македонија, исклучиво преку ентузијазмот на Петар Нолев, како уникатна понуда од областа на авантуристискиот- адреналински туризам. Од идеа до реализација на овај проект протече многу вода под филмскиот мост на Градешка Река и сега конечно можи да се кажи дека намерата во целост успеа. Проектот е приватна инвестиција, но во добар дел е финански поддржана од Швајцарската линија за поддршка на нови идеи и отворање на нови работни места -ИМЕ.

Напоменуваме дека за разлика од кај нас, во соседството одамна има повеќе вакви уредени патеки за кањонинг, како на пример во соседна Грција има повеќе од 170 патеки, Босна, Црна Гора и Албанија преку 40 итн.

Сакаме да укажиме дека оваа авантура исклучиво се практикува со водичи кои буквално го знаат теренот во детали како, карпи, вирови, водопади и процепи, затоа што во спротивно ова можи да биди исклучително опасна активност!

На крај пораката од Петар Нолев е дека нема потреба да одиме стотици километри надвор од државата, за кањонинг- сега тој ни е достапен и во нашата мала и убава земја Македонија!

Ве поздравуваме и очекувајте ја наредната тура!

п. с. Mountain Solution are the best!