Пред Балканските и Првата светска војна Битола беше голем и убав град со повеќе 80 000 жители. Главната улица, Широк Сокак уште тогаш беше особено убава и со европски изглед. Куќите претежно беа двоспратни и троспратни. Трговските куќи, хотели и кафани беа во голем број со специфична убавина и аристократски изглед. На улиците уште тогаш продефилираше свет со интелегентен изглед, облечени по најмодерен европски стил.
Во близина на сегашниот Офицерски дом се наоѓала надалеку прочуената кафеана Терпсис, до која имало две тениски игралишта. Таму доаѓале битолските конзули да играат тенис, а потоа се преместувале во кафеаната каде што се точело само германско пиво. А децата, кога на конзулите ќе им летнело некое топче преку оградата, го земале и бегале.
Во кафеаната често навраќал и првиот балкански снимател, нашиот сограѓанин Милтон Манаки кој ги фотографирал конзулите за што му останала длабоко врежана слика во сеќавањето на неговиот чирак, Михајло Зега.
– Од деновите на моето школување во основното училиште во сеќавање ми останаа оние моменти кога со другарчињата се собиравме околу зградата на денешниов Офицерски дом во Битола. Имено, тука, во тоа време се наоѓаа две тениски игралишта и надалеку прочуената кафеана ТЕРПСИС. Секој ден на тениските игралишта доаѓаа битолските конзули со своите придружби, телохранителите и кучињата, и играа тенис во двојки. По играта, конзулите се селеа во кафеаната “Терпсис”, каде оние што ќе го загубеа мечот приредуваа вистински банкет. Инаку, ние децата стоевме околу тениските игралишта и ги собиравме тениските топчиња на задоволство на конзулите. Како награда добивавме по еден бисквит. Одвреме навреме во кафеаната навраќаше Милтон Манани, кој ги фотографираше конзулите. Бидејќи во тоа време немаше ниту електрично осветление ниту блиц светла, Милтон фотографиите тоа го правеше со помош на магнезиумски прав или магнезиумска прачка. Инаку, ние децата не смеевме да влегуваме во кафеаната. Од неа најчесто не бркаа. Покрај конзулите, во кафеаната навраќаа и највидните битолчани со своите сопруги. До 1912 година, кафеаната “Терпсис” навистина беше монденско собиралиште во Битола. Во неа имаше два мермерни шадрвана, околу кои беа распоредени повеќе од 200 маси. Во сезоната што траеше од пролет до доцна есен, во неа гостуваа естрадни уметници и пејачки дружини од Виена или Чешка. Се точеше исклучително Минхенско пиво, а сите мезетлаци беа бесплатни… се присеќава Михајло како дел од записот во неговото интервју за Кинопис.
Од кафаната Терпсис не успеавме да пронајдеме некоја стара фотографија. Во илјадниците фотографии со кои располагаме можеби ја имаме, но дека се стари и непотпишани не знаеме дека е таа. За нас ни е доволно што Ви го пренесуваме европскиот дух и изглед на нашиот град од пред 110 години, а со тоа сами да споредете каде бевме тогаш, а каде сме сега. Се читаме до нашето следно истражување…